Во најновото издание „Во фокусот на ЦИВИЛ“ разговараме за говорот на омраза (на социјалните мрежи), врсничко насилство (булинг) и дискриминација во средните училишта, со Кристина Дода и Мартин Сопронов од Институтот за човекови права.
Социјалните медиуми „Тик Ток“ и „Инстаграм“ имаат исклучително влијание во креирање на ставовите на средношколците бидејќи следат одредени инфлуенсери кои пропагираат луксузен начин на живот и тоа е една од причините кои придонесуваат за економската разлика, односно социјална дискриминација, вели Сопоранов.
Тој додаде дека има значителни разлики меѓу перцепцијата на учениците и перцепцијата на наставниците за постоењето говор на омраза и дискриминација во училиштата, имено перцепцијата на наставниците за постоење на овие феномени во училиштата е значително пониска.
И учениците и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспространет на социјалните мрежи. Повеќе од 1/3 од учениците сметаат дека дискриминацијата е присутна во училиштата, вели Дода која додаде дека Институтот за човекови права спроведе анкета со 995 ученици и 255 наставници во средни училишта на тема булинг или врсничко насилство, говор на омраза и дискриминација.
Дода и Сопоранов истакнаа дека младите се подложни на лажни вести и дезинформации и дека час поскоро е потребно да се воведе медиумска писменост во образованието, како и да има содржини кои ќе промовираат толерантност и почитување на различностите.
Дехран Муратов