Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека ќе му наложи на хрватскиот амбасадор во НАТО да се спротивстави на членството на Финска и Шведска додека не се реформира изборниот закон во БиХ.
Милановиќ смета дека Хрватска не смее да се откаже од условите за членство на Финска и Шведска во НАТО додека не се постигне изборна рамноправност на босанските Хрвати.
– Ова не е чин против Финска и Шведска, туку е за Хрватска, рече Милановиќ на прес-конференција во Пантовчак.
Тој смета дека Хрватите во БиХ се „разоруваат“ како политички субјект и дека во хрватски национален интерес е да се спречи тоа и најави дека ќе му наложи на хрватскиот амбасадор во НАТО Марио Нобило да се спротивстави на членството.
Министерството за надворешни и европски работи минатата недела објави дека во тој случај Нобило мора да го слуша Зрињевац (седиштето на Министерството за надворешни и европски прашања) а не Пантовчак (претседателската палата).
Како пример за борба за националните интереси, Милановиќ ја посочи Турција, која се противи на влезот во НАТО на двете скандинавски земји додека н е исполнат некои услови кои ги бара официјална Анкара./МИА/







