Во рамки на вториот ден од студиската посета на германскиот Бундестаг, делегацијата од Собранието предводена од собранискиот спикер Талат Џафери, оствари средба со членови на Комисијата за прашања од Европската Унија на Бундестагот и нејзиниот претседател Антон Хофрајтер.
Како што информира собраниската прес-служба, во состав на делегацијата се потпретседателот на Собранието Горан Мисовски и координаторите: Диме Велковски, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Сурија Рашиди и Сафије Садики Шаини, генералната секретарка Цветанка Иванова, шефот на Кабинет Илир Селмани, службата на Собранието, амбасадорката на Швајцарија и претставници од Националниот демократски институт за меѓународни прашања (НДИ).
На средбата, Џафери се заблагодари за одличната програма на студиската посета, додека претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми ги потенцира храбрите и големи чекори кои ги презема државата, од внатрешни реформи до договори за добрососедство, прифаќање и прилагодување кон новата методологија за по сите процеси да се соочиме со блокада од Бугарија.
Адеми укажа на разочараноста на граѓаните од исходот и успореноста на евроинтеграривниот процес, но нагласи дека е уверен дека до јуни ќе се сменат состојбите, особено имајќи го предвид кредибилитетот на ЕУ и нејзината улога и влијание не само за Северна Македонија, туку и во регионот.
Членовите на делегацијата Мисовски, Велковски и Мицевски искажаа благодарност за континуираната поддршка што Северна Македонија ја добива од Германија во контекст на евроинтеграциите и нагласија дека политичките партии во Собранието едногласно се залагаат и работат за да ги исполнат очекувањата на над 70 отсто од граѓаните кои поддржуваат членство на Северна Македонија во ЕУ.
Хофрајтер, како што се наведува во соопштението, нагласи дека огромен дел од земјите членки на ЕУ гласно го поддржуваат членството на Северна Македонија во ЕУ и дека германските пратеници се добро запознаени со ветото на Бугарија кон земјава.
– Војната во Русија покажа колку е значајно да не се троши предолго време за нештата да се придвижат напред и ги увери присутните дека Германија прави сѐ за да проширувањето на ЕУ да се случи што поскоро, затоа што државите членки на ЕУ нудат многу повеќе работни места, поотворен пазар на работна сила, повеќе мир и подобра иднина за своите граѓани, стои во соопштението од Собрание.
Присутните се согласија дека додека Северна Македонија чека да стане членка на ЕУ покажува доблест преку реформи во многу области, почнувајќи од добрососедските односи и договори, работи на националниот идентитет, социјалните реформи и придонесува за мирот во Европа, зачувувајќи ја безбедноста на своите граници. Соговорниците испратија заедничка порака дека по пандемијата, војната во Украина и премрежињата со кои се соочивме, на ЕУ ѝ е потребна успешна приказна – проширување со нова членка. /МИА/








