Вкупните приходи со Ребалансот се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9%, односно за околу 16,1 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Односно, 24,2 милијарди денари се дополнителните расходи, од кои 4,2 милијарди денари за зголемување на пензиите се реализира од ПИОМ, и 4 милијарди има кратење во буџетот со ребалансот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП.
„Проектирана е дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи. Обезбедуваме заштита – бафер, за да имаме простор за брза реакција со нови мерки за заштита на граѓаните и стопанството. Предвидовме дополнителни 3,2 милијарди денари за субвенции за земјоделците, со цел стимулирање на приносите и амортизирање на ценовните притисоци на основните прехранбени производи. Исто така предвиден е пораст на трансферите до ЕЛС за покачување на платите на вработените во градинките, како и за вработените во основните и средните училишта за 15% почнувајќи од септември 2022 година. Пензиите се дополнително зголемени, согласно новата методологија на пресметка на пензиите. Планирани се средства за програмата за субвенционирање на придонеси за поддршка на плати“, вели Бесими.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година. Сепак, оваа сума е за 8,8 милијарди денари повисоко во однос на минатата година или за 16,1 милијарди денари односно два пати повисоко во однос на 2020 година.
Министерот посочи дека значајни инвестициони вложувања со буџетски средства се планирани во областа на патната инфраструктура, на Коридорот 8: проширување на автопат Тетово – Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар – Букојчани, делницата Ранковце – Крива Паланка и Крива Паланка до границата со Бугарија, како и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево – Букојчани и делницата Кичево – Охрид. На Коридорот 10 е планирана делницата Прилеп – Битола. Дополнително, JПДП ќе изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово – Призрен. Исто така со кредитни средства предвидена е изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце (граница со Косово), подобрувањето на патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија преку Проектот за поврзување на локални патишта.
Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор VIII, како и Проектот изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија. Планирана е и изградба на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија.
Министерот Бесими истакна дека се предвидени повеќе крупни капитални проекти во заштитата на животната средина, здравството и образованието.