Во Договорот меѓу С. Македонија и Грција, потпишан во 2018 година, не постои одредба со која се загрозува македонскиот идентитет, македонската посебност и јазик. Официјалниот јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој може да се преведе на сите јазици, без никаква фуснота за дообјаснување. Во самиот Договор, во членот 1 стои дека „официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“, па оттаму изјавата на професорката Елка Јачева-Улчар, која вели дека „преспанскиот договор засегна многу нешта, како и македонскиот јазик“, ја оценуваме како невистинита, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Професорката Елка Јачева-Улчар за телевизија Алфа, при гостување во емисијата „Што не е јасно?“ изјави дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, ниту придавката македонски е зачувана, ниту идентитетот е бетониран, како што се тврдеше во јавноста.
Иако на народот му се ветуваше дека ќе биде сменето само името, преспанскиот засегна многу нешта, како и македонскиот јазик. Без да бидеме свесни, се смени јазикот во северно-македонски.
Од Стокхолм за време на престојот на нашата делегација таму, цело време ни се обраќале со северно-македонци. Така налагаат јазичните правила и изразување, изјави Јачева – Улчар, а пренесе веб-порталот Инфомакс.
[Извор: Јутјуб – Алфа телевизија; Датум: 27.05.2022]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
На 17 јуни 2018 година, во село Нивици (Псарадес) на грчкиот брег од Преспанското Езеро, министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, ја потпишаа „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.
Документот предвидува ново име за Република Македонија, односно „Република Северна Македонија“, кое ќе се употребува erga omnes, односно во секоја пригода и вo земјава и надвор од неа. Oфицијалниот јазик на земјата е македонски, додека државјанството ќе биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц. Со овој договор, познат и како Преспански договор, му се стави крај на историскиот спор за името меѓу Македонија и Грција, кој траеше речиси три децении.
Потпишувањето на Преспанскиот договор донесе голем број критики, но и многу манипулативни тврдења и невистини, а главниот аргумент на опозицијата и на критичарите на договорот од Преспа беше дека со него македонската влада „ги продала“ нашиот идентитет и нашиот јазик. Наративот дека граѓаните на Северна Македонија се „северџани“ или „северно-македонци“, а и дека јазикот е „северно-македонски“, сè уште опстојува, како што, впрочем, може да се види од тврдењето на професорката Елка Јачева-Улчар, а истите непотврдени аргументи се користат и во однос на актуелниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Но, тоа не е вистината.
Па, така, во Договорот со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба, со превод на сите јазици, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, ниту, пак, се бришат термините „Македонија“ и „македонски“.
Во однос на јазикот, во членот 1 од Конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор јасно пишува:
Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“, како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба
Понатаму, со членот 7 (став 3) од Договорот се гарантира македонскиот идентитет и правото да се определуваме како Македонци.
Во однос на Втората страна, овие термини („Македонија“ и „македонски“ , н.з.) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од тие кои се наведени во член 7, став (2)
Уште во 2018 година, на седница на Комисијата за уставни прашања каде започна расправата за амандманите за измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција, тогашниот премиер Зоран Заев истакна дека со ваквите уставни корекции не се менува идентитетот и тој останува македонски.
Тој во образложението рече дека амандманот (33) се додава придавката „Северна“ пред „Македонија“ и името на државата гласи Република Северна Македонија. Вториот амандман (34) се однесува за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните држави, третиот амандман (35) предвидува гаранции дека границите со соседите се трајни и непроменливи, а четвртиот амандман (36), го штити и негува историското и културното наследство и го заштитува трајно идентитетот.
Оттаму, јазикот не може да се смени „без да бидеме свесни“, како што тоа го тврди професорката Јачева – Улчар во својата изјава, како што не може да се смени ниту идентитетот на македонскиот народ. Освен тоа, никакви јазични правила не може да налагаат било кој да ни се обраќа со „северно-македонци“ и доколку тоа се случува, потребни се соодветни реакции до државите од страна на македонското Министерство за надворешни работи.
На веб-страницата на Владата, во однос на Договорот од Преспа има прецизно упатство за медиумите и за тоа кои се правилни, а кои неправилни примери на известување. Во „неправилни примери“ се вклучени „Северно македонски”, „С. Македонски” и „СеверноМакедонски”, кои, како што пишува, не треба да се употребуваат.
Придавката „македонски/o/a” да се употребува кога е поврзано со етнички и културен идентитет за народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и останати особености. Ваквите термини во овој контекст се особено различни од оние што се употребуваат и се поврзани со регионот на Македонија во Грција.
Правилни примери: Македонски етнички идентитет, Македонски јазик, Македонска култура, Македонска територија, Македонски народ, Македонска историја, Македонски планини, Македонска литература, Македонско кирилско писмо, Македонска храна, Македонски цркви итн.
Неправилни примери: Други придавки, вклучително и „Северно македонски”, „С. Македонски” и „СеверноМакедонски”, не треба да се употребуваат.
Точно е дека имало случаи според кои биле правени грешки во преводот кога се зборува за „граѓани на Северна Македонија“, но тоа се изолирани случаи и за голем дел од нив имало и соодветни реакции, како на пример реакцијата на Македонскиот сојуз во Шведска, кој реагираше до редакцијата на „Актуелт“, а за што ја извести и македонската амбасада во Стокхолм, со забелешка дека во телевизиски прилог е направена груба грешка во преводот (наместо граѓаните на Северна Македонија, во титлот пишувало Северномакедонци). Но, овие изолирани случаи не можат да се гледаат како практика и не докажуваат дека се засегнати македонскиот јазик и идентитет, ниту пак термините предвидени со Договорот, а со текот на времето ќе исчезнат и сите евентуално несвесно направени грешки во преводите, доколку воопшто ги има.
Во Преспанскиот договор не постои одредба со која се загрозува македонскиот идентитет, македонската посебност и јазик. Официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици (на пример, на англиски јазик „Macedonian language“), без никаква фуснота за дообјаснување, па оттаму изјавата на професорката Елка Јачева-Улчар ја оценуваме како невистинита.