„Отворен Балкан“ е практична имплементација на 4-те слободи, тоа е платформа како да се имплементираат 4-те слободи затоа што е невообичаено и досега невидено стоки произведени во Елбасан да патуваат побавно до Северна Македонија и до Србија отколку што патуваат во Норвешка, истакна на панелот посветен на иднината на Западен Балкан на безбедносната конференција ГлобСек 2022 во Братислава претседателот на Владата Димитар Ковачевски, информираат владините служби.
„Навистина не е во ред единствените граници да бидат на Западен Балкан затоа што, штом одите во Хоргош на унгарската граница со Србија, или на хрватската граница, веќе немате граници до Скандинавија. И кога зборуваме за „Отворен Балкан“ зборуваме за практична имплементација на 4-те слободи“, потенцираше Ковачевски.
Ковачевски дополни дека наместо расцепкани пазари од 2, 4 или 8 милиони и граници, со „Отворен Балкан“ се создава пазар од 12 милиони и повеќе граѓани кој веднаш значи поголем економски раст и повисок Бруто домашен производ.