Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во неговиот говор за време на галата TIME100 ја нарекол војната на Русија против Украина КОВИД-22 и истакнал дека оружјето и санкциите се вакцина против неа, јавува Укринформ.
„Оружјето и санкциите се исто така вакцина. Вакцина против КОВИД-22 донесена од Русија. Омразата е вирус и е уште посмртоносна од КОВИД-19“, рече Зеленски.
Според неговите зборови, вирусот на руската агресија се шири преку пропаганда. Благодарение на неказнивоста на убијците; благодарение на руската нафта, која сè уште е на глобалниот пазар; благодарение на парите што сè уште течат меѓу глобалниот финансиски систем и руските банки; благодарение на големите компании, кои сè уште веруваат дека „сè уште нема доволно крв на парите од рускиот пазар“.
Во таа насока, претседателот на Украина нагласил дека десетици илјади луѓе загинале, а милиони биле принудени да ги напуштат своите домови поради оваа војна.
„Кога омразата ќе тропне на вашата врата, дали ќе бидете подготвени? Дали некоја маска за лице ќе ве заштити од рускиот КОВИД-22? И зошто вакцината против неа – оружје и санкции – е толку тешко да се добие во доволни количини? Зошто некои земји се преправаат дека КОВИД-22 не постои, исто како теоретичарите на заговор за кои немало КОВИД-19? Зошто некои луѓе не учат ништо дури и од крв и смрт? – додаде Зеленски.
Ј. Ѓ.