Министрите, денеска го разгледаа и утврдија Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за основање културно-информативни центри во Белград и во Скопје.
Со документот се модулира правната рамка со која се уредуваат правата и обврските на двете држави во однос на работа на културните центри.
Културните центри, согласно политиката на добрососедство придонесува за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на Република Северна Македонија.
Ваквите центри овозможуваат навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во двете држави односно претставува мост за зближување и заемно запознавање.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за лето 2022 година.
Притоа, го задолжи Министерството за труд и социјална политика да донесе Програма за седумдневен одмор на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за сезона лето 2022 година, за што ќе биде објавен повик на веб страната на Министерството за труд и социјална политика и во Центрите за социјална работа, по што ќе бидат преземени потребните активности за ефикасна реализација на овој проект.