Десет екипи, од кои три од земјава, ќе се натпреваруваат на финалниот натпревар за најдобро иновативно решение за идентификација, предупредување, проценка и управување со биолошки закани за заштита на силите на НАТО, сојузниците и цивилното население – „НАТО Иновациски предизвик“.
Како што соопшти Министерството за одбрана, на денешното отворањето на финалниот натпревар, кој е во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во соработка со Иновацискиот центар на Здружената командата за трансформации на НАТО (ACT) од Норфлок, Вирџинија, присуствуваше и се обрати заменик министерот за одбрана Башким Хасани.
Тој во своето обраќање изрази голема благодарност до сите апликанти кои учествуваа на овој проект, како и до Воената академија и Иновацискиот центар на Здружената командата за трансформации на НАТО, за нивниот придонес во овој уникатен предизвик што нè приближува сите до заедничка цел – ефективна колективна одбрана.
– Денес, повеќе од кога било, сме среќни да ја користиме платформата обезбедена од центарот за иновации на НАТО – ACT за да дојдеме до креативни нови пристапи во справувањето со сериозни потенцијални епидемии и биолошки ризици и закани за човештвото, намерни или предизвикани од природни феномени. Како триесетта и најнова членка на НАТО, Република Северна Македонија ги понуди своите интелектуални и организациски способности за организирање на овој натпревар за најиновативни концепти за обезбедување ефективен и ефикасен био-одговор во потрагата по поголема подготвеност за градење отпорност во денешниот свет, вознемирен од пандемијата КОВИД-19, а подеднакво и со војни, конфликти и природни катастрофи, рече Хасани.
Ова е прв заеднички проект на Воената академија со Иновацискиот центар на НАТО ACT, а темата на проектот е поврзана со појавувањето на заразните биолошки агенси, на чие појавување обично му претходат инциденти кои можат да се намерно предизвикани или да се резултат на природни несреќи и мутации.
На натпреварот, кој беше објавен во март месец оваа година на тема „БИО-ОДГОВОР“, беа пријавени 20 екипи од целиот свет. Петнаесет евалуатори од НАТО земјите ги евалуираа проектите и донесоа одлука на финалниот натпревар да се натпреваруваат 10 екипи од кои три се од Република Северна Македонија.
Фондот на паричните награди на натпреварот е 8.500 американски долари./МИА/