Мицкоски и Села се споија околу заедничката безидејност и омраза кон другите. Затоа таа вештачка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, тој брак од интерес ќе им се распадне уште во недела околу полноќ, нагласи премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Гостивар, јави МИА во октомври минатата година.
Тој потенцираше дека кога и двајцата ќе видат дека ниту членови на ВМРО-ДПМНЕ гласале за Алијанса за Албанците, ниту членови на Алијанса за Албанците гласале за ВМРО-ДПМНЕ ќе се распадне коалиција.
– Не може заедно „Македонци варвари“ и „Чиста Македонија“. Паметни се луѓето, не пиеме нафта, гледаме што се случува, истакна Заев.
Тој додаде дека граѓаните треба во недела да ги поразат Села и Мицкоски во Гостивар, со цел да ги натераат да се реформираат и да се борат рамноправно за секој граѓанин без да ги интересира која религија е или каква етничка припадност има.
– Затоа ќе останат во опозиција додека не им дојде паметот во глава. Не е ова ни 19, ни 20 век, веќе сме во третата деценија од 21 век. Време е да фатиме чекор со современиот свет, потенцираше Заев.
– Докажавме дека не сме исти и тоа во време на пандемија и со решавање на крупни прашања. Доста беа експерименти во државата. Не сме веќе ни млада демократија, ни млада земја, прославивме 30 години, кажа Заев.







