ЏАБИР ДЕРАЛА
На човек може да му се згади и тогаш кога ќе посведочи на нешто сосема очекувано, нели? Така отприлика може да се опише чувството кога ќе се види снимката од довезувањето на гилотината пред Собранието на антиевропските протести одржани во средата, 13 јули.
Малку е да се каже дека „акцијата“ – гилотина пред Собранието – е простачка, груба и отворена закана со смрт на пратеничките и пратениците кои би гласале за европскиот предлог за преговарачката рамка за ЕУ интеграциите на Северна Македонија. Жизнерадосното потскокнување околу симболот на брутална егзекуција што одамна им припаѓа на мрачните страници на историјата не кажува ништо добро за носителите на идејата и поттикнувањето на овој чин. Само ја заокружуваат грдата слика на рашистичкиот атак на европските вредности и на македонските национални интереси кој можеше јасно да се види за време на антиевропските протести изминативе недели.
Се разбира, истото може да се констатира и низ годините зад нас, кога рашистите, без трошка срам и одговорност, неуморно атакуваат на демократијата, мултикултурализмот и на евроатлантските интеграциски процеси на Северна Македонија. Ова е само уште една епизода од долгата серија напади за кои се знае дека се со благослов и сесрдна поддршка на Кремљ.
Злоупотребата на животни пред парламентот само ја комплетира сликата за примитивизмот и вулгарноста што ги одликуваат мотиваторите, организаторите и учесниците во оваа „игранка“.
Ако има разумни и пристојни луѓе кои за миг биле поведени или заведени од рашистичката кампања, сега можат само да се срамат што биле дел од оваа срамна парада.
Гадно.