пишува: АЦО ЛУКАРОСКИ
Ги плашеа граѓаните со Тиранска платформа. И со осум илјади до заби наоружени Албанци на границата на Косово. И со воени тренинг кампови на Шар Планина, раководени од американски маринци.
Па ги плашеа со федерализација, кантонизација, асимилација.
Па ги плашеа дека ќе дојдат 100 илјади бегалци на коишто ќе им се дадат државјанства. И дека ќе ги вработувале во администрација. Се градеа дури и згради за сите нив. Таму накај Гевгелија и Богданци.
Па ги плашеа дека ќе плаќаат казна од по 5.000 евра ако не научат албански јазик. Дури и Закон за задолжителен сунет ќе се носеше.
И сето тоа не им беше доволно на некои луѓе за да сфатат со кого си имаат работа.
Сега ги плашат и со бугаризација. Па дека Бугарите ќе станеле конституивен народ. И дека ние со декларација ќе сме признале дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Не знам како не им текнало до сега да кажат дека бугарскиот јазик ќе стане и официјален јазик. И дека азбуката ќе ја менуваме со бугарски букви. Туку ај да не им давам идеи.
Сега ги плашат и со губење идентитет и јазик. По јубилеен 100-ти пат. Пошто досега 99 пати ги имаа продадено. Последен пат со Преспанскиот договор.
Жал ми е што меѓу изманипулираните се и некои мои драги пријатели. За нив ми е многу жал, а многу сум гневен на оние што во целава работа гледаат некој личен интерес и коишто свесно прават штета на Македонија. Знаат дека се манипулации, а сепак ги шират истите. Има и такви многу.