пишува: АЦО ЛУКАРОСКИ
Деновиве голема бура предизвика прашањето: КОИ ДИЈАЛЕКТИ биле земени предвид при Кодификацијата на македонскиот литературен јазик?
За разрешување на спорното прашање „се собрале“ учители, наставници и професори во државата, коишто се политички противници на актуелната власт. И ставиле потпис на тезата дека македонскиот јазик е кодифициран, не само врз база на дијалектите од Вардарска, туку и на оние од Егејска и Пиринска Македонија. Велам политички противници, затоа што кај „патриотите“ тоа е одамна единствениот критериум при градење „сопствен“ став. Исклучоците се многу ретки.
Наместо да си ги прочитаат во Курир сопствените ставови, „патриотите“ можеле да побараат на Google и да прочитаат што се случувало на Првото заседание на АСНОМ (2 август, 1944 г.) при воведувањето на македонскиот како службен јазик во македонската држава.
Барајќи ја вистината на интернет, сретнав текст од Стојан Киселиновски — македонски историчар и научен советник во Институтот за национална историја. (текстот е објавен во „Дневник“, бр. 1339, сабота, 18 март 2006 г.)
Обрнете внимание на големите букви од текстот.
Во текстот се вели:
„Во такви политички услови почна да работи и Првата комисија за јазик и правопис (11 члена, речиси сите специјалисти во дадената проблематика). Во текот на работата на Првата комисија за јазик и правопис од самиот почеток се појавија две јасни и непомирливи тенденции. Од една страна се појави едно мнозинство на чело со В. Марковски и од друга страна едно малцинство на чело со Б. Конески. Судирите меѓу мнозинството и малцинството беа од суштинска и принципиелна природа. ПРВО СЕ РАЗГОВАРАШЕ ЗА ТОА КОИ ДИЈАЛЕКТИ ЌЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ЦЕНТРАЛНИ И ЌЕ СТОЈАТ НА ТЕМЕЛОТ НА ИДНИОТ МАКЕДОНСКИ ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК и второ каква азбука треба да се прифати и да се примени во Македонија. ВО ВРСКА СО ДИЈАЛЕКТИЧНАТА ОСНОВА НА ИДНИОТ ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК СЕ ИЗРАЗИЈА ДЛАБОКИ НЕСОГЛАСУВАЊА. МНОЗИНСТВОТО СМЕТАШЕ ДЕКА КАКО ОСНОВА НА ИДНИОТ МАКЕДОНСКИ ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК ТРЕБА ДА СЕ ЗЕМАТ ЦЕНТРАЛНИТЕ МАКЕДОНСКИ ДИЈАЛЕКТИ (ВЕЛЕС, ПРИЛЕП, БИТОЛА И ОХРИД), А МАЛЦИНСТВОТО СМЕТАШЕ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ЗЕМАТ ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ ЗАПАДНОМАКЕДОНСКИ ДИЈАЛЕКТИ (ТЕТОВО, СКОПЈЕ, ВЕЛЕС, ПРИЛЕП и т.н.).“
Забележувате ли дека дијалектите од Егејска и Пиринска Македонија воопшто не биле земени предвид, ниту понудени од било кого при утврдувањето на литературниот македонски јазик?
Текстот од Киселиновски завршува со следново:
„За веродостојноста на пишаното ги упатувам сите читатели што им е мила вистината да ги прочитаат записниците од комисиите за јазик и правопис што се наоѓаат во Архивот на МАНУ или да ја прочитаат извонредната книга на д-р Стојан Ристески, “Создавањето на современиот македонски литературен јазик”, Скопје 1988 година, каде што исто така може да се најдат записниците од комисиите за јазик и правопис. (Авторот е доктор по историски науки)“
Прашањата што на крај се наметнуваат се следните:
Зошто манипулации? Зошто сите тие учители, наставници и професори не ги интересира вистината и единствена цел им е да ѝ помогнат на политичката опција на којашто ѝ се наклонети? Зошто ѝ помагаат на партијата, а не на државата? Не е ли тоа бедно, нечесно и непатриотски?
Текстот е личен став на Авторот