Никола Наумоски, шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, реагира на одлуката на Град Скопје за формирање јавна установа за урбанизам со име „Кензо Танге“.
„Каква иронија е по „Кензо Танге” да нарекуваш институција, откако си го уништил неговиот спомен до непрепознатливост, со презир и потсмев си се однесувал кон неговата „социјалистичка безличност” и си ја користел како грда спротивност за аргументација на својот велелепен проект „Скопје 2014”. Па уште и да биде тоа институцијата што ќе го работи новиот ГУП под наредба на урбаната мафија, со исклучување на останатата стручна јавност и архитектонски факултет… стварно, ова е спротивност на сѐ она по што го паметиме и што претставува Кензо Танге!“, објави на Фејсбук, Наумоски.
Иако има Сектор за урбанизам, Град Скопје формираше јавна установа за урбанизам со име „Кензо Танге“. Со тоа Градот, иако има Сектор за урбанизам, доби уште една институција во која ќе има нови вработувања, директор, членови на надзорен и управен одбор, пишува СДК.мк.
Во образложението на одлуката која денеска беше усвоена на Советот на Град Скопје стои дека целта на формирање на установата е подигање на стандардите и квалитетот на вршењето на работи од урбанистичкото планирање. За директор е назначен Антони Коршул, а дополнително треба да се изберат членови на управниот и надзорниот одбор. Колку вработени ќе има во одлуката за новата институција на Град Скопје, не е наведено. Пред советниците наместо градоначалничката Данела Арсовка, Одлуката ја објаснуваше секретарот на Градот Ѓоко Велковски.
Ј. Ѓ.