Украинската армија го гранатираше мостот Антонивски на реката Днепар, клучен за одбраната и снабдувањето на Херсон, украинскиот град кој падна во рацете на руските сили на почетокот на руската инвазија.
Нападот на мостот покажува дека Украина ги засилува операциите насочени кон враќање на контролата над градот, што Кијив го најави до септември. Руската страна исто така потврди дека мостот бил погоден, но наведува дека нападите не резултирале со значително онеспособување на мостот преку кој залихите стигнуваат до градот, туку дека експлозиите создале нови дупки.
Кирил Стремусов, заменик-шефот на инсталираната руска управа во градот, рече дека се работи само за нови дупки, а мостот сè уште функционира.
Целта на украинските сили била да спречат транспорт на руска тешка воена опрема во градот. Поради ова, украинската армија минатата недела го гранатираше патот над браната кај Нова Хаковка, пишува Јутарњи лист.
Снимките и изјавите на сведоци покажуваат 18 детонации на мостот, што укажува на тоа дека руската противракетна одбрана не успеала. Целта на украинската страна е да го изолира градот. Според медиумите, мостот е затворен за сообраќај.
Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, ѝ рекол на руската страна дека „окупаторите треба да го напуштат градот или да научат да пливаат преку Днепар. Наскоро нема да има трета опција“, изјави Подољак.
Нападите на мостот Антонив, како што пренесува Гардијан, биле цел на ракетниот систем ХИМАРС, кој Украина го доби од Запад и благодарение на кој веќе им покажа заби на руските напаѓачи гаѓајќи далеку во нивната заднина. Украинците сега се надеваат дека руските сили би можеле да останат отсечени и без можност за воено засилување во тој град, кој пред војната имаше 335.000 жители.
Од Херсон, руските сили ја гаѓаат Миколаевската област, која е под контрола на украинската армија. Со подобрено вооружување, Украинците се сè посигурни кога станува збор за обидот да се пробијат до градот, чие заземање на почетокот им беше исто толку важно како и заземањето на Мариупол. Херсон е отворената врата кон Одеса и го олеснува руското напредување на север и запад и значи дека Русите ја преминале реката Днепар. Во контраофанзивата, Украинците се фокусираа на ослободување на Херсон, што ќе ги спречи амбициозните руски планови за отсекување на Украина од Црното Море и главната артерија на економската енергија на целата земја. Во Херсон, кој се наоѓа на спојот на Црното Море и реката Днепар, се влегува преку четири моста.
Подготви: Ј. Ѓорѓиоски