Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во пристаништето Чорноморск на југот на земјата за да го надгледува првиот утовар на жито според договорот постигнат со Русија на 22 јули.
Според украинското претседателство, испораките би можеле да започнат „во наредните денови“ за да се испратат на светските пазари милионите тони жито заглавени во украинските пристаништа од почетокот на војната.
Ние сме целосно подготвени. Ги испративме сите сигнали до нашите партнери во ОН и Турција, а нашите војници ја гарантираат безбедносната ситуација, рече Зеленски.
Тој додаде дека Киев само чека „сигнал“ од Анкара и ОН да почне.
Испораката на житарки важни за светската безбедност со храната треба да започне со неколку бродови кои не можеа да го напуштат пристаништето поради војната.
За нас е важно Украина да остане гарант за светската безбедност на храната, рече Зеленски, кој беше придружуван од амбасадорите на земјите од Г7.
Украина и Русија се меѓу најголемите светски извозници на житарки. Киев сака да продаде околу 20 милиони тони во вредност од околу 10 милијарди долари според договорот.