Шефицата на канцеларијата на Амнести интернешнл во Украина, Оксана Покалчук, денеска изјави дека поднела оставка, притоа обвинувајќи ја организацијата дека ја спроведува пропагандата на Кремљ во контроверзниот извештај во кој АИ го критикуваше одговорот на Украина на руската инвазија.
АИ предизвика бес во Украина со извештајот во кој се обвинува украинската војска дека ги загрозува цивилите со поставување воени бази во училиштата и болниците и изведување контранапади од густо населените области.
-Доколку не живеете во земјата која е нападната од окупатори, кои сакаат да ја растурат, веројатно не разбирате како е да ја обвинувате армијата на бранителите, рече Покалчук.
„И со ниту едни зборови, на ниту еден јазик, нема да можете да му објасните на некој што не доживеал ваква болка“, додаде Покалчук во образложението на својата оставка. /MИА/.