МАДРИД– Кралскиот клуб се соочува со една од најголемите внатрешни кризи во поновата историја. Она што започна како вербална расправија на тренинг, заврши со физичка пресметка, хоспитализација и суспензии за двајца од клучните фудбалери на Реал Мадрид, Феде Валверде и Орелиен Чуамени.
Според извештаите на шпанскиот весник „Марка“ и инсајдерот Фабрицио Романо, тензиите започнале уште во средата за време на тренинг, но кулминирале во четвртокот во соблекувалната на тренинг центарот „Валдебебас“.
Валверде наводно го обвинил Чуамени дека протекува информации од соблекувалната до медиумите. Расправијата брзо ескалирала кога Чуамени го удрил Валверде со тупаница.
Од силината на ударот, Валверде паднал и со главата удрил во раб на маса. Уругвајскиот интернационалец веднаш бил пренесен во болницата „Blua Sanitas Valdebebas“ каде му биле ставени неколку конци на главата. Извештаите од „Ел Чирингито“ одат дотаму што тврдат дека Валверде накратко изгубил свест и имал привремено губење на меморијата.
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, лично се вклучил во решавање на случајот. Клубот веднаш објави официјално соопштение во кое потврди дека се отворени дисциплински постапки против двајцата играчи.
„Реал Мадрид известува дека по настаните кои се случија ова утро, клубот одлучи да покрене итна дисциплинска постапка против Феде Валверде и Орелиен Чуамени“, стои во краткото соопштение.
Ова е огромен удар за тимот пред неделниот дуел со Барселона. Поради повредите (за Валверде) и строгите санкции од клубот, ниту еден од двајцата не се очекува да настапи на „Ел Класико“.
Оваа криза доаѓа во најлош можен момент за Реал Мадрид, кој заостанува 11 бода зад лидерот Барселона во Ла Лига, а атмосферата во соблекувалната се опишува како „токсична“.
Ј. Ѓ.






