Едно лице од ранетите во вчерашната престрелка во Цетиње е во животна опасност, соопштија днееска од Клиничкиот центар на Црна Гора. Во таа болница во Подгорица се згрижени четири лица кои се ранети – едно е стабилно, а тројца се на интензивна нега, од кои едно е во животна опасност.
Во соопштението се наведува дека двајца пациенти се надвор од животна опасност и се згрижени во болница во Цетиње, јавуваат подгоричките медиуми.
Една од ранетите хоспитализирани во Клиничкиот центар на Црна Гора во моментов е стабилен, надвор од животна опасност и е сместена на Клиниката за неврохирургија.
„Вториот пациент е третиран хируршки по приемот, има повреди на мозочните структури и коскените структури на главата и градниот кош, животот му е загрозен и се наоѓа на Централното одделение за интензивна нега“.
Во соопштението се додава дека третиот пациент има повреда во пределот на абдоменот хируршки е третиран и е на понатамошна интензивна терапија и мониторинг и исто така е сместен на одделението за интензивна нега.
„Четвртиот пациент има повреди на вратот и градниот кош, отворена фрактура на десната надлактица, исто така е оперативно третиран и се уште бара лекување на одделението за интензивна нега“, соопшти Клиничкиот центар на Црна Гора.
Tридневна жалост поради трагедијата
Во Црна Гора е тридневна жалост поради масакрот во Цетиње каде вчера беа убиени 11 лица, меѓу кои и напаѓачот.
Согласно одлуката која црногорската влада ја донесе синоќа, денови на жалост се сабота, недела и понеделник, 13, 14 и 15 август. По повод тридневната жалост знамињата ќе бидат спуштени на половина копје на сите згради на државните органи и зградите на органите на локалната самоуправа и јавните институции.
На ден на жалост нема да се одржуваат јавни, културно-забавни програми на јавни места, а музика нема да се пушта во угостителските објекти. Електронските и другите медиуми се должни да ја приспособат својата програмска содржина за да го одбележат денот на жалост.
„Поради невидениот трагичен настан, што резултираше со загуба на животи на црногорски граѓани, Владата донесе одлука да прогласи тридневна жалост на територијата на цела држава Црна Гора“, се наведува во образложението на одлуката.
Во населбата Медовина во Цетиње, 34-годишен маж отвори оган врз сограѓани и уби 10 лица меѓу кои и две деца, додека шестмина се ранети. Напаѓачот пукал и кон полицијата, а во пресметката бил убиен од сограѓанин.
На трагедијата и претходела семејна расправија.
Ј. Ѓ.