Останаа уште два дена до обидот на Марко Пејчиновски да го оствари својот сон. Да беше Марко во Америка, досега веќе ќе имаше снимено неколку играни и документарни филмови за него. За јунакот којшто уште како 12-годишно момче првпат го преплива Охридското Езеро, со некроза на ногата.
Нашиот херој, 16-годишниот Марко Пејчиновски, во недела, на 28 август, ќе се обиде да преплива 64 км. Ќе тргне од Охрид и ќе плива до Струга, па до Свети Наум и потоа назад до Охрид. Тоа е последната (и најтешка) етапа од предвидените 10 етапи за ова лето. Десетте предвидени делници се со вкупна должина од над 250 км. Тоа е повеќе отколку растојанието меѓу Скопје и Солун.
Првите девет делници Марко успеа да ги совлада. За тоа му беа потребни 59 часа и 42 минути. Да веруваме дека ќе успее и во недела. Да му посакаме многу среќа на нашиот охридски и македонски бисер.
На крај, изјавата од Марко Пејчиновски: „Тука сум да си докажам дека можам да го остварам мојот сон. И да ја исполнам мојата желба. Со ова сакам да докажам дека, без разлика колку нешто изгледа тешко во животот, не значи дека е невозможно. Без разлика какви се препреките кои ги имате на патот до успехот, морате да продолжите и никогаш да не се откажувате. Имајте своја цел и остварете ја. Најдете свој мотив. Ова препливување ќе биде на празникот Голема Богородица. Им благодарам на сите оние кои ме поддржуваат“.
Ацо Лукароски