„Шуто Оризари – Заборавена општина!”, е паролата на сенародниот Протест на Ромската заедница против, како што нагласуваат организаторите, дискриминаторските политики на Градот Скопје, објавен на Фејсбук.
Системското игнорирање на општина Шуто Оризари од страна на Советот и раководството на Град Скопје не поминува незабележано од граѓаните, реагираат организаторите.
„Граѓаните на Шуто Оризари подржани од Ромската заедница од сите Скопски општини на 12ти септември, денот на општина Шуто Оризари, во 19:00 часот заеднички ќе го постават прашањето “Шуто Оризари – заборавена општина – ДО КОГА?”
- До кога само граѓаните на Шуто Оризари ќе се корисници на недостојни автобуси, нередовни и нецелосни линии на јавниот превоз?
- До кога граѓаните на Шуто Оризари ќе чекаат изградба на паркови и зелени површини?
- До кога граѓаните ќе чекаат изградба на булевари и во општина Шуто Оризари?
- Кога ќе се вработат Роми во администрацијата на град Скопје?
Очекуваме пораките, потребите и барањата кои ќе бидат пренесени пред Град Скопје да бидат сериозно слушнати и вметнати итно во градските политики на град Скопје кои ќе бидат преточени во реалзирани проекти во општина Шуто Оризари и во сите скопски населби каде што живее Ромската заедница“, се наведува во најавата.
Протестот ќе започне во 18 часот со збирно место во паркот кај големата џамија во Шуто Оризари со крајна дестинација пред Град Скопје во 19:30 часот.
Организаторите ги повикуваат да се придружат граѓаните, граѓанските здруженија, политичките субјекти, бизнис секторот и секој граѓанин кој е засегнат од прашањата кои се интерес на протестот.