Дигитализацијата е клучен процес за подобрување на јавните услуги и за развој на демократијата и во неа треба да бидат вклучени сите чинители на општеството, но потребно е да се работи и на надминување на дигиталниот јаз кој е реалност во земјава, оценија учесниците на денешната дебата организирана по повод Меѓународниот ден на демократијата.
Според постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Григорјан, дигитализацијата бара сеопфатен пристап, но мора да се работи и на надминување на дигиталниот јаз бидејќи сè уште постојат граѓани кои немаат пристап до дигиталните алатки што ги нудат институциите.
Во секоја земја секогаш може да се подобри дигитализацијата. Кога создаваме дигитална алатка, секогаш мора да имаме на ум дека дигиталниот јаз во земјата е реалност. Постојат луѓе кои немаат пристап до овие алатки, а причините за ова се различни, почнувајќи од сиромаштија, немањето дигитална писменост…. Затоа со создавањето на нови алатки, треба да работиме и на создавање на култура кај граѓаните кои треба да ги користат тие алатки, истакна Григоријан.
Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска смета дека дигитализацијата е клучен процес за подобрување на јавните услуги во кој улогата на граѓанскиот сектор е многу важна.
Имаме обврска да градиме доверба кон граѓаните, обврска да им овозможиме полесен пристап и услуги, да им овозможиме гласност и да стекнат доверба дека таквиот начин на комуникација е безбеден. Затоа сабјер безбедноста е исто така е еден од врвните приоритети. Тоа се процеси кои мора да одат паралелно. Не може да зборуваме за дигитална транформација на општеството, ако истовремено не водиме сметка за сајбер безбедноста која во вакви геополитчки околности би требало можеби да биде приоритет број еден, рече Грковска.
Денешната дебата беше организирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење.