Американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека доколку во Украина се употреби хемиско или тактичко нуклеарно оружје, Русија ќе се соочи со меѓународни последици.
Бајден во интервју за телевизијата Си Би Ес беше прашан што би му рекол на рускиот претседател Владимир Путин „ако размислувал за употреба на хемиско или тактичко нуклеарно оружје“ во Украина, објави Би Би Си.
Немој. Ќе го промениш лицето на војната како никогаш од Втората светска војна, одговори Бајден.
Новинарот го прашал кои би биле последиците од евентуалната употреба на хемиско или тактичко нуклеарно оружје од страна на Руската Федерација во Украина, каква ќе биде реакцијата на САД.
Дали мислите дека ќе ви кажев ако знаев точно каква ќе биде? Се разбира, нема да ви кажам. Тоа ќе има последици. Тие ќе бидат отфрлени од светот како никогаш досега. И во зависност од обемот на она што тие го прават, ќе зависи и каков ќе биде (нашиот) одговор, нагласи шефот на Белата куќа.
Војната во Украина не помина како што се надеваше Кремљ, пишува Би Би Си.
Во изминатите денови, Украина соопшти дека повторно зазела повеќе од 8.000 квадратни километри (3.088 квадратни милји) територија во североисточниот регион Харкив.
И покрај очигледниот неуспех, Путин инсистираше на тоа дека успешната контраофанзива на Украина нема да ги спречи плановите на Русија за продолжување на операциите во источниот дел од земјата.