Знаци на насилна смрт имаат 99 отсто од телата ексхумирани во Изиум, град во источниот дел на Украина, кој неодамна беше повторно заземен од украинската армија, изјави синоќа регионалниот украински гувернер Олег Синегубов.
Во Изиум има неколку тела со врзани раце зад грб, а едно лице е закопано со јамка околу вратот. Изгледа тие луѓе биле мачени и егзекутирани, истакна Синегубов преку Телеграм, а со изјавата објави и фотографии од стотина гробови пронајдени во близина на градот, објавија западни медиуми.
Шефот на украинското тело за човекови права, Дмитро Лубинец, нагласи дека веројатно има повеќе од 1.000 украински граѓани убиени и мачени на ослободените територии во регионот Харков.
Украинските власти вчера пронајдоа масовна гробница со 440 тела во североисточниот град Изиум, кој беше повторно заземен од руските сили пред неколку дена.
Синегубов додаде дека телата на цивилите со знаци на насилна смрт и тортура биле закопани на местото што го откриле украинските власти.
Тој додаде дека меѓу ексхумираните тела има и деца и дека на таа локација работат 200 експерти.
Телата ќе бидат испратени на обдукција за да се утврди точната причина за смртта. Секоја смрт ќе биде предмет на истрага и ќе стане доказ за воените злосторства на Русија пред меѓународните судови, рече Синегубов.
Тој истакна дека обемот на злосторствата извршени од Русија во Изиум е огромен и го осуди „крвавиот и брутален терор“.
Во контраофанзивата започната на почетокот на септември во тој регион, украинската армија ги врати териториите кои дотогаш беа под окупација на руските војници.
Европската унија е длабоко шокирана од откривањето стотици тела набрзина закопани во близина на Изиум во Украина и „најостро ги осудува овие злосторства“, изјави синоќа шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
Руската агресивна војна против Украина остави трага од крв и уништување… Русија, нејзините политички лидери и сите оние кои се вклучени во тековните прекршувања на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право во Украина ќе одговараат, се вели во соопштението на шефот на европската дипломатија.