Руските медиуми објавија дека окупираните украински територии Доњецк и Луганск ќе одржат референдуми за приклучување кон Руската Федерација од 23 до 27 септември.
Лидерот на самопрогласената „Народна Република Доњецк“, Денис Пушилин, му се обрати на рускиот претседател Владимир Путин дека „народот во Донбас заслужува да биде дел од Русија, која отсекогаш ја сметал за своја татковина. Во случај на позитивна одлука за резултатите од референдум, за што не се сомневаме, ве молиме разгледајте го прашањето за присоединување на Народната Република Доњецк кон Руската Федерација колку е можно поскоро“, се вели во пораката, објавена од РИА Новости.
Путин денеска ќе го има своето прво телевизиско обраќање од почетокот на војната во Украина.
Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, веднаш реагираше на наводите за евентуални референдуми во источниот дел на земјата.
Русите одлучија асиметрично да одговорат на украинскиот контранапад. Тие мислат дека нелегален „референдум“ ќе ги запре HIMARS (американски повеќецевни ракетни фрлачи) и украинските вооружени сили. Дали навистина сакате да го трошите времето што ви треба за бегство на нова претстава? Обидете се, ќе биде интересно, напиша Подољак на Твитер.
Западот денеска ја осуди одлуката на проруските сепаратисти во окупираните украински региони да започнат пваа недела со одржување референдум за приклучување кон Русија.
Плановите на Москва за одржување „лажни референдуми“ во окупираните делови на Украина „се бесрамно кршење на меѓународното право“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тоа е нова ескалација во војната на Путин, додаде Столтенберг и ја повика меѓународната заедница да го осуди потегот и да ја зголеми помошта за Украина. Лидерот на НАТО зборуваше во Њујорк, каде што учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.
Белата куќа денеска го отфрли рускиот план за одржување на референдуми, велејќи дека Москва можеби ја донела таа одлука со цел да регрутира војници во тие области по големите загуби на бојното поле.
Во очевидно координиран потег, проруските власти најавија референдуми од 23 до 27 септември во регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорижје, кои сочинуваат околу 15 отсто од територијата на Украина и се со големина на Унгарија.
САД никогаш нема да ги признаат руските претензии за украинските територии кои претходно ги анектираше, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, објави Ројтерс.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека рускиот план за одржување „лажни референдуми“ во окупираните делови на Украина нема да биде прифатен, нагласувајќи дека тоа е спротивно на меѓународното право.
Тој на маргините на Генералното собрание на ОН нагласи дека Русија мора да ја повлече својата војска, а „Украина има право да го брани интегритетот и суверенитетот на својата држава и демократија“.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги нарече референдумите нова провокација од Русија, велејќи дека „идејата би била смешна доколку не е толку трагична“.
Маркон целиот процес го нарече пародија и рече дека тие гласања нема да имаат правни последици, ветувајќи дека Франција ќе продолжи да му дава воена помош на Киев.
Шон Вокер, новинар на Гардијан кој известува за Централна и Источна Европа, смета дека ненадејната руска најава за референдуми во окупираните територии на Украина, само ќе доведе до дополнителна ескалација на судирите во таа земја.
Тој на Твитер ја коментираше денешната изјава на поранешниот руски претседател и близок соработник на Владимир Путин, Дмитриј Медведев, кој реагирајќи на веста за референдумите напиша: „Инвазијата на руска територија е злосторство. Извршувањето такво злосторство ќе ни овозможи да употребиме се што имаме во самоодбрана“.
Ми се чини дека најавата на референдуми е или обид за ескалација на конфликтот или обид за деескалација на конфликтот, кој ќе заврши како ескалација бидејќи никој нема да ги признае резултатите од референдумите, особено не украинскиот армија, објасни Вокер.
Поранешниот светски шампион во шах и жесток критичар на Кремљ, Гари Каспаров на Твитер ја коментираше руската најава за одржување референдуми во окупираните региони на Украина.
Како што напишав на 7 јули, натамошните нелегални анексии на украинска територија се следната очајна ескалација на Путин. Откако успешно блефираше пред Западот толку долго, тој се надева дека нарекувајќи ги окупираните територии „Русија“ ќе ги заплаши кукавиците и ќе им помогне на оние кои му се додворуваат, објави Каспаров.