Најмалку педесет луѓе загинаа при насилното задушување на антивладините протести во Иран поради смртта на една млада притворена жена. Гневните демонстранти излегоа на улиците на 80 ирански градови, вклучувајќи го и главниот град Техеран, осма ноќ по ред од смртта на 22-годишната Махса Амини, објави Њујорк тајмс.
Протести се одржаа низ Исламската Република, а според снимките објавени на интернет, имало немири во Техеран и другите поголеми градови, вклучувајќи го и Табриз. На некои снимки се забележува како безбедносните сили пукаат во невооружени демонстранти во северозападните градови Пираншахр, Махабад и Урмија.
На видео, кое е споделено од невладината организација Иран Хјуман Рајтс со седиште во Осло, униформиран припадник на безбедносните сили е снимен како пука од автоматска пушка АК-47 кон демонстрантите во Техеран.
Безбедносните сили извршија серија апсења на активисти и новинари, меѓу кои и Нилуфар Хамеди од реформистичкиот весник Шарг, која извести за смртта на Махса Амини.
Амини почина откако беше уапсена од иранската полиција за морал, единица одговорна за спроведување на строги кодекси за облекување на жените во Исламската Република. Активистите тврдат дека таа добила удар во главата додека била во притвор, но тоа не е потврдено од иранските власти кои отворија истрага.
Иранките ги запалија своите шамии и симболично си ја отсекоа косата во знак на протест против строгите правила за облекување, што одекна на протестите за солидарност од Њујорк до Истанбул, Брисел до Сантијаго.
Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди тврди дека Амини не била претепана.