Степенот на штетата од силната бура Фиона, која го опустоши канадскиот брег, е без преседан и ќе бидат потребни месеци за да се обнови критичната инфраструктура уништена од невремето, изјави канадскиот министер за управување со кризи, Бил Блер.
Мислам дека обемот на она со што се соочуваме е без преседан, изјави Блер во телефонско интервју за Ројтерс на прашањето како Фиона се споредува со Доријан, ураганот што го погоди регионот околу Халифакс, Нова Шкотска во 2019 година.
Верувам дека ќе бидат потребни неколку месеци за обновување на дел од критичната инфраструктура – згради и домови, кровови откорнати од општествените центри и училиштата, додаде тој.
Проследена со урагански ветрови, Фиона вчера ја погоди источна Канада, речиси една недела откако уништи делови од Карибите. Со себе донесе ветрови со максимална брзина до 150 километри на час и поројни дождови.
Невремето ги погоди карипските острови претходно оваа недела, при што загинаа најмалку осум лица. Фиона може да се покаже посилна од ураганот Хуан во 2003 година и Доријан во 2019 година. По Фиона на Карибите им се заканува тропската бура Иан, која се очекува вечерва да стане ураган.