Денес не зборуваме за минатото, туку за иднинатата. Зборуваме за нови прокети што треба да ни донесат стабилност во снабдувањето со електрична енергија. Најголемата инвестиција во фотоволтаична централа покажува како работи одговорна Влада, како може да функционираат институциите на државно и на локално ниво и како во тоа има резултат што доаѓа три месеци пред зададениот рок, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата по повод почетокот со работа на соларната електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово, инвестиција на Групацијата ГЕНИ..
Според премиерот, Владата брзо и ефикасно се справува со енергетската криза.
Со ова поставивме курс како треба да изгледа државата во иднина кога зборуваме за производство на енергија и зелена индустрија и економија коишто се стремиме да ги креираме. Стабилноста во обезбедувањето електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет особено во време на најголемата светска енергетска и економска криза, посочи Ковачевски.
Ковачевски вели дека оваа инвестиција покажува дека Северна Македонија е угледна земја кога станува збор за странски директни инвестиции.
Оваа инвестиција, оваа фотонапонска централа, има инсталиран капацитет кој е ист како сите изградени фотонапонски централи во Северна Македонија за вкупно 11 години колку што владееше претходната власт. Тоа покажува визија за иднината но и посветена работа на Владата особено во дадениот контекст на енергетско-економската криза, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека имаме над 280 сончеви денови во државата и оти нашата татковина има доволно сонце. Се што е потребно, заклучи тој, се инвестиции во обновливи извори на енергија.
За 5.500 домаќинства ќе се обезбедува струја од соларната електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово, инвестиција на Групацијата ГЕНИ. Изградбата на капацитетот почна лани, а 17-те мегавати соларна енергија веќе се доставуваат низ мрежата, која е ставена во функција три месеци пред предвидениот рок.
ГЕНИ доби 17 од 35 мегавати што беа понудени на тендерот од Министерството за економија.







