Високиот претставник на ЕУ Жозеф Борел и потпретседателката на ЕК Вера Јурова, денеска ги повикаа земјите-членки да спроведат независни, непристрасни и ефективни истраги за злосторствата врз новинарите и изразија очекување дека земјите кандидати за членство во ЕУ ќе ги усвојат европските стандарди за подобрување на безбедноста на новинарите.
„Мора да престане неказнивоста за злосторствата врз новинарите. Правдата мора да биде задоволена“, најавија Борел и Јурова во пресрет на Меѓународниот ден против неказнивоста на злосторствата врз новинарите, што се одбележува на 2 ноември.
Заедничката изјава ја нагласува важноста на известувањето за војната во Украина и ризиците со кои се соочуваат новинарите ширум светот.
„Новинарите се нашите очи и уши кои известуваат од конфликтните зони. Тие ги ставаат во опасност своите животи за да известуваат што се случува на теренот. Нивните точни, непристрасни медиумски извештаи служат на основниот јавен интерес: извештаите, сликите и вестите од теренот можат да имаат одлучувачко влијание врз развојот и исходот на вооружените конфликти“, истакнаа Борел и Јурова.
Поради тоа, наведуваат, новинарската работа често пати е намерно попречена во вооружените конфликти, а медиумските работници се соочуваат со оневозможен пристап до информации, цензура и малтретирање, како и притворање и брутални напади.
Европските претставници потсетија дека неколку новинари и медиумски работници биле убиени или ранети во Украина, понекогаш биле цел на напади, додека „ја документираат вистината за злосторствата извршени од руските војници во агресорската војна на Путин врз Украина“.
„Нивната работа е од суштинско значење, бидејќи рускиот режим води глобална кампања за дезинформации за реалноста на војната“, се наведува во соопштението, потсетувајќи дека намерното таргетирање на новинари и цивили е воено злосторство.
Борел и Јурова додадоа дека новинарите ширум светот се жртви на злосторства од омраза, онлајн вознемирување, цел на шпионски софтвер, па дури и убивани.
„Мораме да ставиме крај на неказнивоста за овие злосторства и да ги поддржиме човековите права и владеењето на правото преку обезбедување правда за жртвите. Во текот на изминатите 10 години, никој не одговараше за 80 отсто од убиствата на новинарите ширум светот“ изјавија Борел и Јурова во заедничката изјава.