Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинската војска воспоставила контрола врз повеќе од 60 населени места во регионот Херсон и дека се спроведуваат „мерки за стабилизација“ во истоимениот град.
Тој додаде дека руската војска ја уништила целата критична инфраструктура во Херсон пред да побегне, вклучувајќи ги и комуникациите и снабдувањето со вода, греење и електрична енергија.
Пред бегството од Херсон, окупаторите ја уништиле целата критична инфраструктура: комуникации, вода, греење, струја. Русите насекаде имаат иста цел: да ги понижуваат луѓето што е можно повеќе. Но, ние ќе вратиме сè, верувајте ми, нагласи Зеленски.
Според него, досега се отстранети речиси 2.000 мини и неексплодирани гранати.
Властите во градот Херсон воведоа полициски час поради безбедност на жителите, изјави во видео порака началникот на регионалната воена управа Јарослав Јанушевич.
Наша задача е да ја гарантираме безбедноста на вашиот живот. Затоа, принудени сме да воведеме полициски час од 17:00 до 08:00 часот. Соодветната наредба е потпишана од началникот на воената управа на градот Херсон, рече тој. Јанушевич, исто така, предупреди дека излегувањето и влегувањето во градот ќе биде ограничено поради деминирање.
Постои одредено ниво на загриженост дека Русија може да ги зајакне своите напади врз Украина по повлекувањето од Херсон. Русија неодамна изврши одмазднички напади врз градовите, вклучувајќи го и главниот град Кијив, по успешните украински офанзиви на бојното поле.
Олексиј Кулеба, шеф на воената управа на киевскиот регио, изјави за Би-Би-Си дека нивото на закана од напад за регионот на Кијив останува високо и може да се зголеми по информациите за Херсон.
Навистина, во текот на изминатиот месец, по успехот на фронтот на вооружените сили на Украина, видовме масовно гранатирање на мирни населби во Украина. Сега сакам да кажам дека заканата од ракетни напади врз регионот на Кијив останува висока, истакна Кулеба.
Тој посочи дека Украина има работа со „злобен и непредвидлив непријател“.