Во рамките на активностите на проектот „Learn4SMEs – Learning Factory for Improving Digital Competitiveness and Industry 4.0 Readiness of SMEs in the Balkans“ овозможен од Европскиот Институт за Иновации и Технологија (EIT Manufacturing) и ко-финансиран од Европската Комисија, во периодот од 10.11.2022 до 11.11.022, во просториите Машинскиот Факултет во Скопје, се одржа работилница на темата „Подготвеност на малите и средни претпријатија (МСП) за Индустрија 4.0 и Паметна Специјализација“.
Домаќин и организатор на работилницата беше партнерот во проектот – Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО), а лица одговорни за организацијата на настанот беа вонр. проф. д-р Бојан Јованоски, проф. д-р Роберт Миновски и асс. м-р Александар Аргиловски.
Главната цел на овој проект е оформување на првата „Фабрика за учење“ (Learning Factory) во земјава, по примерот на голем број европски земји кои веќе неколку години наназад го практикуваат овој концепт на образование, тренинг и истражување. Фабриката за учење на Машинскиот Факултет во Скопје се фокусира на технологиите на Индустрија 4.0 и производната филозофија Lean.
Во моментов, лабораторијата се состои од рачна и паметна Poka Yoke станица за монтажа без грешки, но наскоро се очекува сите планирани производни модули на фабриката за учење да пристигнат и истата да биде комплетирана. Целосниот систем се состои од паметна Poka Yoke станица за монтажа без грешки, работно место, транспортер, камера за 2D машинска визија, робот и складиште. Целта на ваквата поставеност е да се симулира реална производна линија, а притоа преку низа на експерименти со опремата, да се решаваат проблеми од областа на индустриско инженерство и менаџмент, поточно Lean менаџмент, планирање и управување на производството, системи за мерење на учинокот, моделирање и симулација на деловните процеси, системи за менаџмент на квалитетот и слично.
Покрај информативната сесија за целите на проектот и идејата за Фабриката за учење, одржани беа и низа тренинзи на тема „Lean Manufacturing 4.0“ на платформата www.skillsmove.eu, која е во функција на проектите на Европската Комисија. Прикажан беше и практичен пример со користење на дидактичката опрема набавена за време на проектот – паметна Poka Yoke станица за избегнување на грешките при монтажата на производите. Дел од учесниците имаа шанса да ја извршат монтажата на рачната и на паметната станица за монтажа, притоа преку направените мерења, прикажани беа подобрувањата и придобивките кои ги нудат концептите на Lean и Индустрија 4.0 во производството.
Идејата е оваа Фабрика за учење да расте во идниот период и да стане препознатлив центар за дигитализација и Lean во земјава. Во истата добредојдени се сите заинтересирани компании кои сакаат да го насочат развојот на нивните бизниси и вработени во насока на дигитална трансформација преку технологиите на Индустрија 4.0 и оптимизација на производството потпомогната од Lean, информираат од факултетот.