Русија наводно им дели парични награди на мобилизираните војници кои ќе успеат да ја уништат украинската воена опрема. Според Телеграм каналот Звезда ТВ, што го води руското Министерство за одбрана, војниците ќе добијат 300.000 рубљи (околу 5.000 долари) за уништен украински авион, 200.000 рубљи (3.320 долари) за хеликоптер, 100.000 рубљи (1.660 долари) за тенк и 50.000 рубљи (830 долари) за секој дрон, борбено возило и ракетни системи, пренесува Њузвик.
Путин на 3 ноември најави дека ќе им плаќа 195.000 рубљи (3.237 долари) месечно на граѓаните кои биле мобилизирани по 21 септември. Но, овие исплати започнаа дури откако војниците на терен изразија зголемено незадоволство. Според Звезда, новата парична награда е „многу мотивирачка за борците“.
На мобилизираните ќе им биде платено за уништената и заробена опрема на националистите, како и за успехот во борбата. Ако на тоа ги додадеме месечните исплати, добиваме одличен износ, пишува на Телеграм каналот на Звезда ТВ.
Вестите за најновите парични награди за мобилизираните доаѓаат по извештаите за тешки загуби на руска опрема. Британското Министерство за одбрана на 3 ноември соопшти дека руските сили кон средината на октомври губеле повеќе од 40 оклопни возила дневно. Во последните недели, Русија беше принудена да се сврти кон белоруските резерви за да набави најмалку 100 дополнителни тенкови и борбени возила за пешадијата.
На 27 октомври Русија првпат призна дека нема доволно опрема за мобилизираните војници. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави пред новинарите дека постојат проблеми со опремата за стотици илјади мобилизирани и дека новоформираниот совет свикан од Путин работи на решавање на проблемот со опремата.