Руската амбасада во Северна Македонија на 6.11.2022 објави твит со мурал на кој пишува „Косовска Митровица. Косово е Србија – Крим е Русија“. Во твитот пишува: „Напомена, + Русија = Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон“. Твитот потоа се прошири на социјалните мрежи, а го објавија и повеќе портали.
Но, овој твит на руската амбасада не содржи факти, туку пропагандни дезинформации.
Прво, за Северна Македонија, држава во која е објавен твитот, Косово не е Србија, туку независна држава признаена пред 14 години. Косово е признаено и од повеќе од 100 членки на ОН.
Второ, за Северна Македонија Крим е дел од Украина, а не од Русија. Земјава го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, а заедно со многу други држави учествува во Кримската платформа, афирмирајќи го ставот дека „Крим е Украина“.
И Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на состанок на Кримската платформа во Киев го потенцираше „единството на меѓународната заедница во одбраната на нормите на меѓународното право, кое дефинира дека „Крим е Украина“.“
Трето, дезинформација е и дека „Русија = Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон“, како што нагласува овој твит. Овие региони се дел Украина, а не од Русија, која делумно ги окупираше по воената агресија од 24 февруари 2022.
Дел од овие региони воопшто не се под контрола на Русија, како што се гледа и од инфографикот на руската државна агенција РИА новости. Значаен дел од регионот Доњецк е под контрола на Украина, под чија контрола е и Запорожје, најголемиот град со над 700 илјади жители и административен центар на истоимената област.
Откако рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 10 ноември 2022 нареди повлекување на трупите од градот Херсон кој беше окупиран од почетокот на март 2022, и административниот центар на Херсонската област веќе не е под руска контрола.
И споредбите помеѓу Косово и Крим се неосновани зашто станува збор за различни случаи.
Со вакви дезинформации и неосновани споредби, Русија сака да ги продлабочи тензиите и конфликтите и да предизвика хаос и недоверба.
Токму затоа, граѓаните не треба да наседнуваат на овие пропагандни дезинформации на Руската амбасада.
Извор: смк