„Зелена агенда – обновливи ресурси, македонска храна, европски пазари“ е темата на вториот од серијата настани посветени на годишниот Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2022 година „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности”, што ќе се одржи денеска во Скопје, а чиј домаќин е заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Воведно обраќање на настанот ќе има вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ, а предвидени се дебати за Кластер 4 – Зелена агенда и одржлива поврзаност и Кластер 5 – ресурси, земјоделство и кохезија.
На првата дебата панелисти се министерот за животна средина и просторно планирање и координатор на Кластер 4, Насер Нуредини, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Валандово и член на Управниот одбор на ЗЕЛС, Перо Костадинов, директор на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски и Олимпија Х.Заевска, предавач на Школа за бизнис на Копенхаген.
Панелисти на вората дебата за Кластер 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“ се министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – ИПАРД Никица Бачовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски, претседателот на ГО „Рурална мрежа“, Петар Ѓоргиевски и Орхидеја Каљошевска, инвестициска рамка за Западен Балкан.