Младински културен центар во 2020 година стана полноправна членка на реномираната мрежа на најголемите концертни сали во Европа, Liveurope.
Liveurope е мрежа на легендарни концертни сали меѓу кои и Melkweg (Амстердам), Vega (Копенхаген), Ancienne Belgique (Брисел) и други дваесетина препознатливи и популарни сали, кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија. Од регионалните концертни сали, кои ја имаат таа привилегија да се дел од оваа позната асоцијација беше единствено културниот центар Kino Šiška од Љубљана, а сега веќе заедно со МКЦ и Močvara, Загреб.
Како дел од активностите на мрежата, секоја година во различен град од земјите членки, се одржува ротирачки Liveurope фестивал кој има за цел покрај одржување на активности врзани годишното собрание на делегатите од мрежата, организација и на концерти на млади надоаѓачки европски артисти, кои својата музика би ја претставиле пред претставници од 22 најдобри концертни сали од Европа.
Liveurope е иницијатива за поддршка на концертни сали во нивните напори за промоција на европски артисти во подем. Платформата дејствува како сертификат за квалитет, кој се доделува на концертни сали што работат посветено на претставување на европската музичка разноликост.
Liveurope фестивалот се одржува во рамки на ПИН музичката конференција и “шоукејс“, која своето деветто издание традиционално ќе го одржи од 24 до 26- ноември во Младински Културен Центар – Скопје.
Во рамките на ПИН се најавени 250 гости, односно најрелевантните имиња во музичката индустрија (букери, промотери, новинари, агенти) и на најактуелните музички таленти од Европа, регионот и од кај нас.
Во текот на овие три фестивалски дена, сите посетители ќе имаат шанса да ја проследат дневната панел програма во Кино Фросина, каде ќе се дискутира на топ теми во индустријата, трендови поврзани со музичката сцена, продукцијата, културата и сите влијанија на истата.
МКЦ заедно со Таксират и Пасворд продукција ќе успеат овој викенд да го постават Скопје како музички епицентар на Европа, а со заеднички сили, да покажат дека во Скопје постои простор за унапредување на живата култура која директно не засега сите, доколку сакаме да од нашиот град, направиме културно и убаво место за живеење.