Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, денеска на Самитот во Тирана на кој беше потпишана декларацијата за намалување на цените и укинување на роамингот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, изјави дека токму тоа е реалното и конкретното од интеграција на регионот во ЕУ и оти таквите активности дополнително ќе зајакнат наредниот период.
Декларацијата ја потпишаа десет оператори, речиси сите од регионот освен „Водафон“ и „Ипко“, како и најголемите од ЕУ како „Дојче Телеком“, беше речено на прес-конференцијата.
Како што е најавено, намалувањето на цените на роамингот меѓу Западен Балкан и ЕУ ќе започне од 1 октомври 2023 година.
„Тоа е вистинската интеграција на Западен Балкан за која сите се бориме, тоа не е козметичка работа, академска или филозофска идеја туку вистинска работа и ќе го правиме се повеќе и повеќе“, рече Вархеји на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана.