Песната на италијанскиот поп пејач Тото Кутуњо со која тој победи на Евровизија во Загреб, 1990 година, изведена од повеќе од петнаесет македонски познати ѕвезди на музичката и актерската сцена, на иницијатива на Цивил која носи наслов „Insieme/Заедно“. Во аранжман на Владимир Дојчиновски – Дојчин и Давор Јорадновски, македонскиот дел е дело на Борче Нечовски, песната ја изведуваат Тијана Дапчевиќ, Кристина Арнаудова, Никола Перевски – Пере, Елена Петреска, Елена Велевска, Зуица Лазова, Анастасија Петреска, Виктор Апостоловски, Благоја Грујовски, Лидија Кочовска, Ѓоко Таневски, Мики Јовановски – Џафер, актерите Адријан Азири и Ана Стојановска и други. Ова се само дел од македонските ѕвезди кои се одзваа на поканата на Цивил и во рекордно време го преработија овој евергрин на македонски јазик.
Европскиот сон е, конечно, остварлив. Во овој период најпотребно е да се обединат општеството и сите политички фактори за остварување на заедничкиот интерес – членство во ЕУ.
Промоцијата на песната „Insieme/Заедно“ се одржа денеска, во кафе-клубот „Мош“.
Со оваа иницијатива, Цивил дава свој придонес кон цврстата и недвосмислена определбата на македонското општество да се приклучи кон големото европско семејство. Време е сите граѓанки и граѓани без оглед на нивната припадност и потекло, сите политички партии, верски заедници, граѓански и политички организации, групи и иницијативи, да се обединат во заедничката цел и стратешката определба на државата – членство во ЕУ.
Песната на Тото Кутуњо е симболичен придонес на Цивил кон промоцијата на европските вредности и поддршката за евроинтеграцискиот процес кој, по долгото чекање, доби конкретен и извесен тек.
Цивил ги повикува сите политички партии во земјата да станат дел од оваа иницијатива, јасно да ги артикулираат своите ставови и дадат конкретен придонес кон македонската иднина во Европската Унија.
„Оваа песна им ја подаруваме на сите граѓанки и граѓани, а политичките партии ги повикуваме да ја прифатат оваа иницијатива како своја и преку неа да ги промовираат своите европски ставови и определби на јавните настани што ќе ги одржуваат во наредниот период. Од денеска напладне, познатиот хит ќе се слуша и на македонски“ – велат од Цивил, во пресрет на промоцијата.
Од Цивил велат дека песната е достапна за преземање од сите заинтересирани медиуми и други општественополитички ентитети под услов да биде употребувана соодветно на целите на Иницијативата за општествено и политичко обединување за европски вредности и интеграција во ЕУ.
Ј. Ѓ.