Дезинформациите, како лажни, непроверени или неточни информации, го преплавуваат медиумскиот простор, но и социјалните мрежи. Пласирањето на дезинформациите, иако се случува да биде ненамерно, сепак, имаат одредена цел да наштетат, да се поиграат со емоциите на оние што ги восприемаат, да дефокусираат.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со граѓаните во Скопје, кои на прашањето што се дезинформации, разочарано, но и со потсмев велат дека само тоа има кај нас, бомбардирани сме со нив, треба да бидеме со резерва за сѐ што ќе прочитаме или слушнеме.
„Дезинформација е кога даваш погрешна информација, па потоа треба да се провери. Некогаш се демантира, некогаш не“, вел и еден граѓанин.
„Што се дезинформации? Па кај нас само дезинформации има. Во последно време многу ги има, некако се оди на лажење и дезинформирање“, велат дел од анкетираните.
„Секоја неточна информација е дезинформација и во денешно време, на интернет, навистина сме бомбардирани со дезинформации. Затоа со доза на резерва треба да ги примаме информациите што доаѓаат до нас“, објаснува една граѓанка.
Дезинформациите како дел од секојдневниот дискурс преовладуваат во медиумите како најголеми информатори на граѓаните, а нивната оценка, според анкетата на ЦИВИЛ покажува дека постои свесност кај луѓето и потреба за борба против дезинформирањето.
Андреја Ристески
подготви: Б. Јордановска
камера: Александар Ризиниски
монтажа: Ариан Мехмети
Извор: ЦИВИЛ Медиа