Цивил – Центар за слобода денеска им се обрати на политичките партии со повик да се обединат за европската иднина. Првиот чекор кон тоа обединување би бил симболичен – да ја прифатат и споделат македонската верзија на ИНСИЕМЕ/ЗАЕДНО од Тото Кутуњо, чија промоција се одржа на 13 декември.
Текстот на Повикот го пренесуваме во целост:
Ви се обраќаме како на политички лидери и претставнички и претставници на политичките партии во Република Северна Македонија, со повик за обединување околу националниот стратешки интерес – членство во ЕУ.
Без оглед на разликите во политичките програмски определби, без оглед на разликите во ставовите и честите препирки во јавноста, веруваме најголем дел од политичкиот естаблишмент во нашата земја се согласува барем во едно, а тоа е членството во ЕУ.
Северна Македонија долго чекаше на мигот кога ќе започне со преговори за полноправно членство во најмоќниот сојуз на демократските држави во светот – Европска Унија. Во таа определба, нашата земја ја ужива поддршката од најголемите и најсилните демократии во Европа и во светот.
Македонските граѓанки и граѓани заслужуваат да бидат дел од големото европско семејство. За да стасаме до целта побрзо, потребно е општествено-политичко обединување за македонската иднина во Европа.
По иницијатива на ЦИВИЛ – Центар за слобода, македонските ѕвезди деновиве создадоа македонска верзија од познатиот италијански хит „Инсиеме/Заедно“ со која Тото Кутуњо победи на Евровизија во Загреб 1990 година. За рекордно кратко време, со ретко виден ентузијазам и посветеност, македонските естрадни уметници го дадоа својот придонес – пееја за Европа.
Време е и политичките лидери да проговорат во еден глас – за Европа, за членство во ЕУ.
Првиот чекор може да биде да го споделите видеото „Инсиеме/Заедно“ и на тој начин да испратите порака до своите членови и до македонската јавност дека имате политичка волја сите ЗАЕДНО да ја поведете земјата кон ЕУ.
Да запееме ЗАЕДНО:
За нас, ти си наша сестра,
За нас, ти на небо си ѕвезда,
За нас, ангел во сонот ти си,
Insieme, unite, unite, Europe
За европска иднина на сите македонски граѓанки и граѓани.
Ви благодариме.
Со европски поздрав,
ЦИВИЛ
Извор: Цивил Медиа