Многу е непријатно да се слуша ВМРО-ДПМНЕ да зборува за правда, корупција, владеење на правото, бидејќи граѓаните многу добро паметат што се случуваше во периодот 2006-2017 година и како се избираа судиите од „тефтерчето на Горде“, но и брачниот пар што владееше со правосудниот систем во земјава, рече пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, во гостувањето на Алсат. Тој во овој контекст се осврна на Законот за потекло на имот:
„Сето тоа остава црна дамка и кога станува збор за правда, дали е донесување на Закон за јавно обвинителство или било каква реакција во донесувањето на одредби од правосудството, секогаш ВМРО е многу гласно. Меѓутоа, во 2021 година беше најавен Законот за потекло на имот, којшто дефинитивно ќе ја олесни работата на Антикорупциската комисија и уште пред некој период беа кажани одредбите што ќе придонесеа во борбата против корупцијата. Сега секој функционер има можност да се оправда пред јавноста со поднесување анкетен лист и притоа целиот свој имот да го евидентира во тој анкетен лист додека му трае мандатот. Според мене тоа не е доволно. Новината која беше најавена е дека ќе се испитува и имотот што е префрлен на трети лица и со тоа ќе може да се најде трага како е стекнат тој имот и како оделе трансакциите. Новина беше да се конфискува и имот над 30 илјади евра чие потекло не може да се докаже. Сите сме сведоци на Сашо Мијалков и случајот „Империја“ кога се конфискуваа 36 милиони евра, за што најзачудена беше амбасадорката на САД, за човек кој работел за плата од 70 илјади денари“, рече Костовски.
Според него, со ваквиот закон ќе се допринесе до постигнување на европските предности.