Отпорноста на земјоделскиот сектор на Европската Унија беше на тест последните две години. Пандемијата на коронавирус предизвика прекини во трговијата и ги зголеми цените на суровините, а потоа руската инвазија на Украина доведе до уште повисоки цени на инпутот и енергијата. Како резултат на тоа, цените на храната вртоглаво пораснаа, а трговијата беше дополнително нарушена.
Тука се и климатските промени кои сè почесто резултираат со неповолни и екстремни временски услови кои влијаат на приносот на културите, болестите, бројот на штетници и појавата на болести кај животните.
Во светлината на овие нарушувања, за земјоделството на ЕУ во периодот 2022-32 г. се предвидува забавување на растот во главните земјоделски сектори, според неодамна претставениот среднорочен извештај за изгледите.
Производството на некои култури се очекува да стагнира или благо да се намали, додека пад се прогнозира кај млекото и месото.
Земјоделски култури
Прогнозите покажуваат дека вкупната површина со житни култури во ЕУ незначително ќе се намали на 57,2 милиони хектари до 2032 година, поттикната од помалите површини под јачмен и пченка. ЕУ ќе остане значаен извозник на пченица и јачмен и увозник на пченка и ориз. Потрошувачката на житарките би можела малку да се зголеми (+3,9%), но бидејќи употребата на добиточна храна ќе се намали (-6,1%), се очекува вкупната домашна потрошувачка во ЕУ да остане стабилна.
Кај маслодајните семиња се предвидува производство од 33,0 милиони тони, што е зголемување за 2,8 милиони тони (+9,3%). Причината е постојаното зголемување на приносот. Нето увозот на маслодајни семиња и протеински култури ќе се намали бидејќи ЕУ ќе произведува 54,7% повеќе мешунки и 33,3% повеќе соја.
Млеко и млечни производи
Усвојувањето на поодржливи земјоделски практики ќе влијае на идниот развој на секторот за млеко и млечни производи во ЕУ. Уделот на алтернативните системи (наспроти интензивните и конвенционалните) се очекува да расте. Бидејќи екстензивното земјоделство се фаворизира за решавање на еколошките прашања, се очекува млечните стада да се намалат и да доведат до годишен пад од 0,2% на производството на млеко во ЕУ до 2032 година. Сепак, тоа нема да ја загрози позицијата на ЕУ како најголем светски извозник на млечни производи.
Потрошувачката би можела да остане релативно стабилна во иднина, а раст се очекува само кај потрошувачката на сирење. Потрошувачката на обезмастеното млеко во прав ќе се забави бидејќи трговската размена ќе расте помалку поради посилната глобална конкуренција. Во случај на полномасното млеко во прав, потрошувачката би можела да се намали поради загубите во трговијата, додека домашната употреба би можела да остане релативно стабилна.
Месни преработки
Одржливоста ќе игра сè позначајна улога на пазарите за месо во ЕУ. Производството на овие стоки ќе биде поефикасно и по еколошко, со пораст на органските и екстензивните системи. И покрај овие трендови, се очекува пад на потрошувачката на месо во ЕУ (-1,5 кг по жител годишно), при што особено ќе биде погодено говедското месо, а свинското делумно заменето со месо од живина. Живинарството е всушност единствениот што се шири во однос на производството и потрошувачката. Ова произлегува од ставот дека месото од живина е поздраво во споредба со другите видови, полесно се подготвува, неговата консумација нема верски ограничувања, а и има и релативно пониска цена.
Вкупното стадо крави ќе се намали за 2,8 милиони грла (9,1%), а ситуацијата во земјите членки ќе се разликува. По највисокото ниво во 2022 година, цената на говедското месо се очекува повторно да падне поради по балансирана понуда и побарувачка. Што се однесува до свинското месо, се очекува производството да се намали за 1% годишно, што одговара на 2,2 милиони тони во период од десет години.
Извор: Агротим