Тензиите кои долго време се манифестираат со инциденти на северот на Косово се уште не престануваат. Од една страна се косовските власти кои бараат дислокација на барикадите од локалните Срби, а од друга страна е српскиот претседател Александар Вучиќ, кој одлучи да испрати барање до КФОР во Косово за да испрати српски полициски сили на границата.
Барикадите на северот од Косово продолжуваат да стојат веќе седум дена, а блокирани се патиштата кон границата Јарињe и Брњак. Локалните Срби поставија уште една барикада многу блиску до селото Чабер во правец на Зубин Поток, каде поставија два камиони.
Косовскиот премиер Албин Курти вчера изјави дека сè уште чека КФОР да ги отстрани барикадите на северот на Косово.
Тој рече дека барикадите на северот на Косово најмногу им штетат на српските граѓани.
„Барикадите на север не се израз на моќ, туку на немоќ. Тие барикади мора да се отстранат. Му дадовме време на КФОР да ги отстрани. Министерот за внатрешни работи е во постојан контакт со КФОР и ЕУЛЕКС за отстранување на овие барикади, кои не се цивили, туку припаѓаат на вооружени криминални групи, чии лидери имаат налози за апсење од Република Косово и се наоѓаат на црната листа на американското Министерство за финансии. Колку побрзо бидат отстранети, ќе биде подобро за Косово, но и за српските граѓани“, изјави Курти за А2 Си-Ен-Ен.
Курти рече дека тој е премиер на сите, без разлика на етничката или верската припадност.
„Србите не можат да дозволат да бидат користени од Белград како инструмент за хегемонистички аспирации, а од друга страна, во владата на Косово, тие имаат гаранција за нивните права и слух што ги слуша сите барања што можеби ги имаат. Јас не сум премиер само на Албанците, јас сум на сите граѓани на републиката без разлика на етничка припадност, возраст, пол и вера. Но, не можеме да му ги надоместиме на Белград загубите што ги предизвика Милошевиќ со неговата геноцидна политика“.
Тој рече дека не е можно ситуацијата да се врати како што беше пред ослободувањето на Косово во 1998 или 1999 година.
„Понекогаш сакаат да се вратат пред прогласувањето независност во 2007 година, понекогаш сакаат да се вратат пред ослободувањето на Косово во 1998 или 1999 година. Ништо од ова не е можно. Колку побрзо ќе станат свесни за ова, толку подобро ќе биде за нив пред сè. Оваа хистерија во Белград мора да заврши, и со тоа да има политичка и општествена нормализација меѓу двете држави“, додаде Курти.
Според него, договор меѓу Косово и Србија може да се постигне во рок од неколку месеци.
„Со добра волја на едната и добри намери од друга страна, потребни се неколку месеци за договор. Верувам дека не се потребни години, туку неколку месеци. Ни треба најголемо можно вклучување на Брисел и Вашингтон, особено кон Белград, кој за жал не се оградува ниту од Милошевиќ, ниту од Путин“, изјави Курти.
Во меѓувреме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека вечерта на 15 декември Владата на Србија ќе испрати електронско барање до КФОР за враќање на одреден број припадници на српската полиција и војска во Косово.
Вучиќ најави дека на 16 декември тоа барање ќе биде доставено до претставникот на КФОР на границата со Косово.
Според српските медиуми, по состанокот на Владата на Србија, Вучиќ изјавил дека одлуката е донесена едногласно.
„Одлуката е донесена едногласно и таа го почитува јавното право и е важна за заштита на населението и за контрола на граничните точки. Речиси сме сигурни дека нема да биде прифатено, но чекаме да го добиеме писмото“, нагласи Вучиќ.
Официјален Белград се повикува на Резолуцијата 1244 од 1999 година на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБНС).
Вучиќ пред неколку денови изјави дека знае дека такво барање нема да биде прифатено. Барањето на Србија доаѓа неколку дена по почетокот на тензиите на северот на Косово и на денот кога Косово официјално поднесе барање за членство во Европската унија.
Заменик помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар за Радио Слободна Европа изјави дека Косово има многу силни безбедносни гаранции од САД.
Тој изјави и дека САД категорично се спротивставуваат и го отфрлаат барањето на Србија за враќање на нејзините сили на Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти вчера во Прага ја поднесе апликацијата на Косово за членство во Европската унија и изрази надеж дека за девет години државата ќе влезе во ЕУ.
Што ги предизвика сегашните тензии?
Протестот на Србите на север беше организиран по апсењето на поранешен полицаец осомничен за тероризам. Косовското обвинителство го обвинува дека извршил бомбашки напад врз објектот на изборната комисија во Северна Митровица.
Како и досега, Србите на северот на Косово организираа онлајн групи и за неколку минути преку барикади ги блокираа патиштата и граничните точки.
Тамошните Срби имаа за цел да ги спречат локалните избори кои станаа неопходни во тој регион по колективната оставка на сите етнички Срби вработени во државните институции на Косово на почетокот на ноември. Оставки поднесоа и во парламентот и владата, а оставки поднесоа и четворицата градоначалници на општините на северот на Косово. Неколку стотици српски полицајци ја напуштија косовската полиција заедно со српските судии кои исто така поднесоа оставки од косовските правосудни институции.
Овој бојкот беше реакција на планот на премиерот на Косово, Албин Курти, да воведе нови правилници поврзани со регистарските таблички на возилата: преку кој правилник беше предвидено да се забранат табличките издадени од српските власти и да се заменат со косовски таблички. Што се однесува до Курти, тоа беше принципиелно прашање бидејќи Србија не ги прифаќа косовски регистарски таблички. За српскиот претседател Александар Вучиќ и за косовските Срби, акцијата на Курти беше подготовка за „етничко чистење“. Поставувањето на новите регистарски таблички засега е прекинато, како и локалните избори, како резултат на притисокот на ЕУ и САД врз властите во Приштина. Западот, исто така, ја повика Србија да помогне во намалувањето на тензиите.
Н. Абдурахмани / ЦИВИЛ Медиа