Гардијан: Русија ги разгорува тензиите во Србија додека војната во Украина тапка во место
„ЕУ-САД се согласуваат дека барикадите треба да се отстранат. Но, тие се исто така загрижени како ова може да биде искористено и злоупотребено од Белград.
Мислам дека грижата на нашите западни партнери и пријатели се врските на Белград со Москва. Не знаеме како тие би можеле да бидат оперативни во случај на зголемување на тензиите, кон ескалација на северот, вели косовскиот премиер Албин Курти во интервју за „Гардијан“.
Нашата загриженост е што отстранувањето на барикадите не може да ги исклучи жртвите. И затоа сакаме да бидеме максимално внимателни за да се осигураме дека нема да има дестабилизација, и дека мирот и безбедноста ќе бидат одржливи. Но, не можеме вечно да го дозволиме ова нарушување на законитоста и уставноста. Така што, ова треба да заврши, што побргу, толку подобро“, изјави Курти во интервјуто за „Гардијан“.
Курти меѓу другото во интервјуто вели дека е загрижен оти напнатата ситуација може да ескалира во корист на Владимир Путин, бидејќи руските и српските сили спроведоа 104 заеднички воени вежби во 2021 година.
ПАНОРАМА: Ердоганизмот како храна за рамизмот или беришизмот
„Во текот на своето време (на владеење), кое ги опфаќа нашите последни двајца премиери, Ердоган учествуваше на инаугурации на важни дела во Албанија, и некогаш Бериша, а сега Рама, ја направија Анкара како свој дом. Бериша вели дека долгиот телефонски разговор во 2012 година ја прекинал врската меѓу нив, Рама продолжува, и дури често си зема за право да кажува и да се изразува за работи во одбрана на Ердоган во институциите, каде што требаше да биде многу поповлечен и протоколарен.“, извадок од колумната „Ердоганизмот, како храна за рамизмот или беришизмот“, од Бен Андони, објавена во албанскиот портал Панорама.
КОХА: Еден живот и една вистина
„Косово и должи на Латинка Перовиќ повеќе од почит и сеќавање. Нејзиното дело заслужува внимание, читање и грижа дури и кај Албанците. Таа е рангирана меѓу српските хуманисти како Димитрије Туцовиќ и Коста Новаковиќ, кои не само што ги критикуваа грозоморните злосторства на Србија врз Албанците пред повеќе од еден век, туку и се заложија за добрососедство меѓу Србите и Албанците. На оваа традиција и припаѓа и Латинка Перовиќ.“, извадок од колумната „Еден живот и една вистина“ од Енвер Робели објавена во КОХА.
Д. Тахири
Извор: ЦИВИЛ Медиа