ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ПРАВДА

Карамболот со Мијалков без разрешница, Судскиот совет најрано утре може да го посети Апелацискиот суд

December 20, 2022 15:10
in PMD, ДЕНЕС, ПРАВДА, РЕПУБЛИКА
Share on FacebookShare on Twitter

Работната група на Судскиот совет најрано утре може да го посети Апелацискиот суд, велат за НоваТВ извори од Судскиот совет. Денеска, како што ни рекоа, Судскиот совет има целодневна седница, поради што нема да биде можно да се исполни заклучокот од вчерашната седница посветена на анализа на одлуката на Апелацискиот суд за поништување на првостепената пресуда за случајот Таргет-Тврдина во кој централна фигура е поранешниот шеф на контраразузнавањето и сива еминенција во тогашното ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков.

Судскиот совет, вчера на вонредната седница која траеше одвај десетина минути донесе заклучок да формира работна група која треба да изврши увид во одлуката на Апелацискиот суд за судскиот предмет Таргет-Тврдина, која доведе до бран од разочарување кај демократската јавност. Овој случај го одбележа крајот на владеењето на владата на екс-премиерот Никола Груевски, и се најде на насловните страници и ударните вести во светските медиуми.

Освен во апелациската пресуда за Таргет-Тврдина, работната група доби задача да изврши увид и во пресудите за случаите Трезор, Транспортер и Алфа. Во состав на работната група ќе бидат судијките Тања Чачарова-Илиевска, Мирјана Радевска-Стевкова и Мери Радевска.

Таргет-Тврдина и Трезор се главните предмети кои се однесуваа на аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Тој во Таргет – Тврдина беше осуден на 12 години затвор. Покрај него во овој предмет беа осудени поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, избеганите разузнавачи Горан Грујовски и Никола Бошковски и нивниот колега Тони Јакимовски шеф на кабинетот на Мијалков.

Случајот Транспортер, пак, се однесува на пресудата против поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески, чија пресуда чека одлука од Апелацискиот суд речиси три години за да може да стане правосилна или да ја врати на повторно судење.

Последен предмет за кој се интересира работната група на Судскиот совет е предметот познат во јавноста како „Алфа“ за убиството на полицаец кај Природно-математичкиот факултет. Убиството беше извршено во 2008 година, а првата пресуда со доживотен затвор беше донесена во 2016 година.

Како одговор на реакциите во јавноста, Апелацискиот суд се брани со недостиг на судии за да може во пократок рок да ги разгледува и да одлучува за пресудите кои се обжалени од странките по изрекувањето на првостепените пресуди.

Судијката и член на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска која ќе биде дел од работната група, исто така го посочи недостигот на апелациски судии како причина за овие карамболи во судството.

„Апелацискиот суд во Скопје има најсложени и најголем обем на предмети. Знаеме каква е состојбата со бројката на судии. Тоа се факти кои не можеме да ги премолчиме. Колку траат постапките, во голема мера зависи од овие факти“, реагираше таа во одбрана на колегите од Апелацискиот суд кој се најде на удар на јавноста и на највисоките политички функционери.

Но она што можеше да се види од првите реакции е и дека постои разногласие внатре во Судскиот совет околу стручните и физички капацитети на Апелацискиот суд да ги извршува задачите. Претседателката на Судскиот совет Весна Дамова, реплицираше велејќи дека треба да се провери дали судечкиот совет во Апелацискиот суд дал приоритет на други предмети и дали намерно се одолговлекувала постапката, како и дали постапувал судија кој исполнувал услови за старосна пензија. Претходно Дамова рече и дека Судскиот совет нема надлежност да дава оценка за пресуда на Апелациски суд, и дека единствено до каде можат да одат е да утврдат дали главниот судија на предметот бил со веќе истечен мандат поради исполнување на условот за пензионирање.

Во меѓувреме, Кривичниот суд се уште ја чека пресудата на Апелацискиот суд за Таргет-Тврдина, иако беше донесена на 5 декември а јавно беше достапна на 9 декември.

Секое одолговлекување на предавањето на пресудата води кон сомневања за судски игри со цел да застари кривичното дело масовно прислушување за кое беше осуден Мијалков и уште неколкумина од неговото опкружување како што се поранешната министерка Гордана Јанкулоска, тогаш вработените во УБК Горан Грујевски и Никола Бошкоски, Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинет на Мијалков, Надица Николиќ раководителка во УБК, како и петмина други од МВР и УБК кои добија условни казни.

Според најновата анкета на Интернационалниот Републикански институт (ИРИ), само 4 отсто граѓани во државава имаат целосна доверба во судството, додека 19 отсто имаат делумна доверба, а 52 отсто не му веруваат.

„Земјотресот“ што го предизвика најновата одлука на Апелацискиот суд, без оглед дали е објективна или не, како и жестоките реакции во општеството со кои беше „поздравена“, и натаму ќе ја разнишуваат довербата во судството дека суди неселективно и дека е способно да ги стави зад решетки и најкрупните политички ѕверки.

С.К. / НОВА ТВ

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: „Таргет-Тврдина“Апелациски судСашо Мијалковсудски совет

НАЈНОВО

(ВИДЕО) Студентите со нови тактики во трка со српската жандармерија, блокади низ цела Србија

July 4, 2025

Русија стана првата земја што го призна талибанското раководство во Авганистан

July 4, 2025

Бесент: Околу 100 земји ќе се соочат со царини од 10 проценти

July 4, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Забрчанец: Имавме серија потврди за македонскиот идентитет од 2017 до 2024 – дали иницијативите на Мицкоски се осмислени за да не успеат?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Александра Наќева Ружин нов претседател на Советот на амбасадори

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Концертна промоција „FIN Project“ и Тања Царовска на албум „Егрегор“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Сиљановска Давкова околу усвојувањето на извештајот во ЕП, вели „се е можно да се случи“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Апсења со смртни последици, рации, претепани и крвави осомничени, соборен патнички авион – како се влошија односите меѓу Русија и Азербејџан

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk