ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Оваа година ќе остане запаметена по дезинформациите и по тоа што слугите на некогашните господари на заробената држава се ставија во програма за ревизија на бесчестието и злоделата на темничарите на заробената држава.
Проценија дека е дојдено време да ја отпочнат кампањата во која, распоредени формациски за настапи по медиуми, почнаа да ја шират патетиката од типот „невини мајки страдаат по затавори…“, и започнаа да ги именуваат како жртви наасилниците од 27 април кои извршија организиран државен удар.
Сета почит кон мајчинството на поранешната министерка за внатрешни работи, но судот и ја определи казната врз основа на докази за незаконски набавки, за масовното прислушување, за претворање на МВР во ВМРО…
Во оваа анализа ќе се осврнеме на дел од лагите за ревизорите прислужници на заробената држава, но нема да биде последна.
Овие мегафони на големото перење на бесчестијата на фамилијата ја „блатат“, на пример, Управата за јавни приходи дека „станала легло на корупција за избегнување на даноците на партиски блиските компании“ без да наведат ниту еден доказ за тоа. Само да се клевети и да се злоупотребува слободата на говорот без совест и без одговорност.
А како ќе ревидираат кога ја паметиме хајката против граѓанските здруженија која ја спроведуваа тогашното вмровско раководство на УЈП и Јавното обвинителство по налог на тогашниот партиски адвокат.
Од 5-ти октомври 2016 година, според моделот за хајка на граѓанските организации на Путин, започнаа посетите на инспекторите на УЈП за да вршат контрола на финансиското работење на нво-ата 5 години наназад. Беше тажно да се гледаат ликовите на тие луѓе кои со наведнати глави се срамеа што мора да ги спроведуваат партиските наредби „по секоја цена да се најде“ едно кафе без покритие, било каква сметководствена грешка, за да се покрене обвинение за „соросписките“ невладини.
Се „блати“ УЈП затоа што во двете години, еве ја и третата, за време на најголемата економска криза во современата, па и во претходната повоена историја, двократно и трикратно го зголеми приливот од даноци во Буџетот за да се вратат парите кај граѓаните.
Само во оваа година вредноста на мерките за поддршка на граѓаните и на компаниите достигна 760 милиони евра. Пари прибрани благодарение на ревносната работа и дисциплина на УЈП.
Еве само една мерка остварена благодарение на прибраните стредства на УЈП и на принципот „парите назад кон граѓаните“: Средствата се издвојуваат за субвенционирање на цената на струјата за граѓаните за секој граѓанин зинесуваат 6.800 денари годишно субвенции за струја, односно секое домаќинство добива по 21.000 денари субвенции за струја за оваа година, а на малите компании добиваат електрична енергија по цена од 220 – 260 евра за мегават час, додека берзанската цена на истата таа струја е околу 500 евра.
Таков сет од мерки за време на заробената држава граѓаните можеа само да сонуваат додека беа замајувани и успивани со лажните балалајки на медиумите за кои ВМРО-ДПМНЕ потроши 38 милиони евра.
Се лаже безобразно и бесчесно во фреквентните настапи на гласниците на ревизијата на злото на заробената држава и во однос на странските инвестиции. Како да сме слепи и глуви во последните 5 години. Во времето на Груевски имало рекордни инвестиции и тие не биле надминати до ден денеска.
Тешка и безобразна лага.
Само бројот на вработените во Технолошко индустриски развојни зони во однос на 2016 година е двојно поголем само како резултат на новите рекордни инвестиции.
Во 2016 година во ТИРЗ биле вработени 6.282 лица, а во 2020 се 12.963 вработени.
Само во оваа, актуелната 2022 година се отворени нови над 2300 нови работни места во компаниите во ТИРЗ, и бојот на заклучно со ноември и со оние од 2021, се искачи на 16.300 што е зголемување од 17% за само една година, покажува. Само во ноември се отворени речиси 300 нови работни места.
Просечната плата во ТИРЗ во 2016 изнесувала 19.758 а во 2020 година 29.462 денари.
Погледнете го само графиконот на приливи во буџетот на дражавата од компаниите основани како директни странски инвестиции: Ако во 2016 година тие изнесуваа 327,5 милиони денари, во 2017 речи се дуплираа, а во 2018 година го достигнаа неверојатниот пик од 2,37 милијарди денари, а во 2020 година новиот уште повисок од 2,66 милијарди денари.
Извинете ама тоа не се постигнува без нови рекордни странски инвестиции кои само во 2019 година, наспроти општиот надолен тренд во светот, во Северна Македонија се зголемија за повеќе од трипати во однос на претходната година, до рекордни 737 милиони долари.
Значи да повториме – лажат. Се обидуваат да ги исперат гревовите на нивните ментори и спонзори кога велат дека за време на заробената држава биле постигнати рекордни ефекти од странските инвестиции.
Лажат бесрамно.
Тоа се тие слуги на ордите на мракот што би биле најсреќни да поништат сѐ „македонско“ во нашата генетска структура и што се ортачат со квазипланинарите што развејуваа туѓи знамиња на олимписките врвови само за да предизвикаат дополнителен гнев и блокади на решавањето на проблемот со Грција.
Не можат да преболат уште еден тежок пораз кога благодарение на Преспанскиот договор, денеска во Грција, со одлука на судот напишана и на македонски јазик, беше издадена дозвола за работата на Центарот за македонски јазик.
Извинете уште еднаш, ама ова до 2016 година беше невозможно. Тогашната власт ја прогласи Грција за наш архинепријател, Албанија ја прогласи за дом на измислената Тиранска платформа, албанофобијата го вклулчуваше и Косово, МПЦ остана камен на сопнување со Србија, а со Бугарија го скицираа истиот договор за пријателство што сега сакаат да го поништат со референдум и да ја продолжат блокадата на нашите евроинтеграции…
Да не заборавиме, тоа е истата таа камарила што го нарекуваше Блаже Конески „џуџето од Небрегово“ и за Кочо Рацина пишуваше дека „најдоброто што го направил било што умрел на време“.
Да, тоа се тие уортачени со оние што со пари си ја купуваат слободата, а тие како нивни ентуражи тоа го величаат како независно судство.
Ама нема таква боја што ќе ги „пребои“ трагите од Шарената револуција на ѕидовите на некогашните заробени институции зашто денеска тие траги се длабоко влезени во ѕидовите и нив ништо не може да ги избрише.
И не е фер да се става знак на еднаквост меѓу бомбите од прислушуваните разговори со бомбите со кои секојдневно им се закануваат на нашите деца за да напишете „може да ви се случи да си заминете од власт со бомби, како што со бомби и дојдовте“.
И види каква конциденција! Оваа иста порака пред две години ја испрати еден агилен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ „Со бомби дојдовте со бомби ќе си заминете“. И тоа од Собраниската говорница.
Нема да им помине ревизијата колку и да наплаќаат за да ја туркаат. Нема такви пари што ќе го исперат тоа што не се пере. Нема таков „Вениш“. Трајни се тие дамки, а некои од нив се и од крвта на жртвите на апсанџиите на заробената држава.
Извор: ЦИВИЛ Медиа