„Имавме турбулентна 2022 година, не само на полето на дезинформации туку воопшто во целокупниот живот. Токму затоа јас би спомнал само неколку примери за да го освежиме сеќавањето на граѓаните со што се соочувавме цела година за да не ни се повторуваат и во 2023 година“, рече Дехран Муратов од ЦИВИЛ, меѓу другото, говорејќи за дезинформациите и пропагандата на годишниот мултимедијален јавен настан на ЦИВИЛ „Перспективи 2023“.
Тој потсети на настаните поврзани со студентските протести и вмешувањето на политиката.
„Политичките партии, особено опозицијата, па и Левица се обиде политички да профитира да ги преземе всушност овие протести под свое и да се претстави како заштитник на студентите. Сепак овој обид беше неуспешен, многу брзо беа послушани правата на студентите од страна на власта и беа остварени правата кои ги бараат“, вели Муратов.
Според него дезинформација која ја одбележа 2022 година е популарната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, „Секој може да има по две жени“, што во овој момент можеби изгледа смешно.
„Ова беше кромид-информација која се прошири по медиумите, а граѓаните и денес, иако знаат дека е лажна вест, сепак си ја споменуваат, но тоа е и главниот проблем со лажните информации, остануваат долго во меморијата на луѓето и потешко може да се заборават“, вели Муратов.
Тој потсети и на протестите за францускиот предлог кои беа предводени од Левица и ВМРО-ДПМНЕ, а пред сè однесувањето на Левица кога Урсула фон дер Лајен беше во Собранието, а тие пробуваа да го пригушат целиот нејзин говор и постојано повторуваа дека Македонија ќе го загуби идентитетот, јазикот итн, а за идентитетот се докажа дека не се ни преговара.
Според Муратов , една од главните „Перспективи за 2023 година“ е граѓаните да почнат да размислуваат слободно и да не посакуваат Груевски да се врати во Македонија на бел коњ, туку да сакаат слобода и демократија.
„Тоа е она што е за жал со последната анкета на ИРИ видовме дека граѓаните сакаат цврста рака, а особено оние пропагандистите кои се љубители на политиката на Путин сакаат и тоа да го донесат во нашата држава, а јас би сакал да се ослободиме и да живееме во слобода мир и добрососедство, не само во Македонија, туку и во околината“, рече Муратов.
Соња Танеска
Фотографија, камера и видео монтажа: Ариан Мехмети и Александар Ризински
Перспективи 2023 се состоеше од шест панели со повеќе од десет учесници кои се емитуваа во живо на Јутуб видео каналот и на ФБ страницата на Цивил.
Извор: CivilMedia