Пишува: СOЊА ТАНЕСКА
Кризите и војните понекогаш менуваат сѐ, а војната која Русија ја започна во Украина нагло го запре опоравувањето на светската економија од пандемијата на коронавирус. Во ковид-кризата конечно научивме да ги цениме предностите на дигитализацијата, при работата од дома на пример, што заштеди доволно ресурси на компаниите.
Историски гледано по Втората светска војна настана нов светски поредок, но и институции како Обединетите нации, кои требаше да спречат повторување на ваква катастрофална војна. По светската финансиска криза, државите ги ставија банките под поцврста контрола и ги засилија надзорните тела.
А сега оваа војна, за која знаеме само дека се води брутално, но не и кога и како ќе заврши и до каде е подготвен да оди човекот во Кремљ. Она што гледаме е дека тој го обедини Западот, предизвика санкции со огромна острина. Да, рубљата еродира, кредитниот рејтинг на Русија е на најниско ниво, инвеститорите заедно со капиталот ја напуштаат земјата.
Западна Европа пак зависна од руската дрога во форма на нафта и гас, на почетокот доживеа колапс, но како поминуваше времето е се помалку загрижена за своите индустрии, кои во голем дел се потпираат на овие фосилни горива. На бензинските станици по неколкумесечната експлозија на цените, пополека се стабилизираат, а Европа набави доволно количество гас за оваа зима. А тоа трае речиси цела година. Сепак некои метали како никелот на пример, кој Русија исто така го има во изобилство и кој е неопходен за производство на челик, од еден ден до другиот поскапе за повеќе од 50%. Пораснаа и цените на паладиум, алуминиум, неон и ксенон, исто така важни суровини, кои западноевропските фирми во добар дел ги увезуваат од Русија.
Земјите во развој, Европската унија и Русија
Претседателот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, неодамна рече дека дека процесот по руско-украинската војна доведе до глобална енергетска криза и дека затоа 2023 година ќе биде многу потешка за енергетскиот сектор, пренесува Ројтерс.
На конференцијата „Светска енергетска криза: решенија и улогата на обновливите извори на енергија“ организирана од Меѓународниот центар за енергија и клима (IICEC), Бирол рече дека многу земји во светот се изложени на ризик да влезат во рецесија поради енергетска криза.
Тој посочи дека актуелната криза негативно се одрази на глобалната економија и социјалната рамнотежа.
Оваа состојба предизвика и зголемување на стапката на инфлација во земјите на ниво кое не е забележано во последните 40 години.
Тој нагласи дека трите региони кои ќе бидат најмногу погодени од светската енергетска криза во наредниот период ќе бидат земјите во развој, Европската унија и Русија.
„Реков на 1 март, една недела откако Русија ја нападна Украина, дека светот влегува во енергетска криза каква што никогаш досега не бил сведок, 2022 беше лоша година“.
ММФ со црно сценарио
Новата година ќе биде тешка за поголемиот дел од светската економија, потешка од минатата, поради истовременото забавување на САД, Кина и Европа, нагласи шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, оценувајќи дека „половина од ЕУ“ ќе биде во рецесија во 2023 година.
Оваа криза доаѓа во тежок момент кога војната во Украина, растот на цените, повисоките каматни стапки и ширењето на Ковид во Кина тежат врз глобалната економија.
Во октомври ММФ ги намали прогнозите за растот на глобалната економија за 2023 година.
-Очекуваме една третина од светската економија да биде во рецесија“, рече Георгиева во информативна емисија на Би-Би-Си. Дури и во земјите кои не се во рецесија, стотици милиони луѓе ќе го почувствуваат тоа како рецесија, додаде таа.
Во октомври, ММФ ја намали својата перспектива за глобалниот економски раст во 2023 година, наведувајќи го континуираниот притисок од војната во Украина и инфлаторните притисоци и високите каматни стапки создадени од централните банки, како што е Федералните резерви на САД, за умерено зголемување на цените.
Ќе растат платите во Еврозоната
Растот на платите во еврозоната се очекува да биде „многу силен“ во следните неколку квартали, но реалните плати веројатно ќе се намалат со оглед на високата инфлација, објави Европската централна банка (ЕЦБ) во својот економски билтен.
Историскиот пораст на инфлацијата ги изеде реалните приходи на домаќинствата во изминатите две години, а фирмите конечно почнаа да ги прилагодуваат платите, предизвикувајќи загриженост дека растот на цените би можел да продолжи доколку овие промени се случат на потрајна основа.
„Ова ги одразува силните пазари на труд кои во моментов не се погодени од економското забавување, порастот на националните минимални плати и одредено достигнување на платите и високите нивоа на инфлација“, стои во соопштението од Европската централна банка
Сепак, проектираното економско забавување и неизвесноста околу изгледите веројатно ќе извршат надолен притисок врз растот на платите надвор од краток рок, додаваат економистите на ЕЦБ.
Гувернерката на банката, Кристин Лагард, неодамна рече дека наградувањето веројатно ќе се зголеми повеќе од очекуваното и дека ЕЦБ треба да се воздржи од дополнително зголемување на долгорочните инфлациски очекувања како резултат на овие потези.
Сепак, економскиот билтен смета дека реалните приходи ќе се намалат бидејќи инфлацијата ќе биде повисока од номиналните зголемувања на платите.
„Вистинските плати на домаќинствата сега се значително пониски отколку пред пандемијата и најверојатно дополнително ќе се намалат во наредните месеци“, предупреди финансиската институција.
Влијанието на кризата врз Кина и САД
2023 година на економски план ќе биде потешка од претходната 2022 година, а дури третина од државите во светот ќе влезат во рецесија, предвидуваат експертите од Меѓународниот монетарен фонд.
Дури и во оние држави кои ќе успеат да ја одржат економијата и растот и ќе ја избегнат рецесијата, ќе има последици коишто ќе ги почувствуваат нивните граѓани.
Прогнозите на ММФ се базираат на забележаното забавување на најголемите светски економии – САД, Европската унија и Кина. Војната во Украина, заедно со зголемените цени и пандемискиот период кој е зад нас се главните рецесиски фактори.
Кина, втората по големина економија во светот, најверојатно ќе расте со или под глобалниот раст за прв пат во 40 години, бидејќи бројот на случаи на COVID-19 се зголемува по завршувањето на ултра строгата политика за стапка на инфекција со нула.
Згора на тоа, очекуваното зголемување на инфекциите со Ковид во наредните месеци веројатно дополнително ќе ја погодат нејзината економија и ќе го забави регионалниот и глобалниот раст.
Ова го потврди и диркторката на ММФ, Кристалина Георгиева, која отпатува во Кина кон крајот на минатиот месец.
-Следните неколку месеци би биле тешки за Кина, а влијанието врз кинескиот раст би било негативно, влијанието врз регионот би било негативно, влијанието врз глобалниот раст би било негативно, рече таа.
Во меѓувреме, американската економија се издвојува и би можела да го избегне целосниот колапс што веројатно ќе влијае на дури една третина од економиите во светот.
Пазарот на труд во САД ќе биде во фокусот на вниманието на претставниците на Федералните резерви, кои се желни да ја намалат побарувачката за работна сила за да го намалат притисокот врз цените. Првата недела од новата година носи многу клучни податоци за работните места, вклучително и месечниот извештај за нефармските плати (плати според позиции), кој се очекува да покаже дека економијата на САД додаде 200.000 работни места во декември и стапката на невработеност остана на 3,7%, речиси најниска од 60-тите наваму.
Какви се прогнозите за Германија
Германските економски прогнози за оваа година се мешани. Рецесијата не се очекува да биде толку длабока како што се предвидува, а инфлацијата се очекува да остане висока, околу 7% во текот на годината.
Како што предвидува министерот за економија Роберт Хабек, земјата обезбеди снабдување со енергија и без руски енергетски извори, но најголемиот проблем на германската економија останува недостатокот на квалификувана работна сила и високите трошоци за енергија.
Закрепнувањето на германската економија по ограничувањата поради пандемијата беше грубо прекинато со војната во Украина. Германската влада реагираше на енергетската криза – недостиг од енергенси и високи цени – релативно брзо, а пред се великодушно со 200 милијарди помош за компаниите и домаќинствата, што, според Стефан Кутс, одговорен за економските прогнози на Економскиот Институтот во Кил, кој исто така ја советува германската влада, е премногу широк и лошо насочен.
„Тоа е премногу широко и поддржува и приватни лица на кои не им е потребна таа помош, што значи дека ја зголемува куповната моќ во дел од приватниот сектор, предизвикувајќи инфлација. Треба да бидеме повеќе насочени за да останеме во стабилни води.
Германија се соочува со период на стагнација, се очекува следната година, особено во втората половина, економскиот раст да биде повисок од само 0,3% на годишно ниво, а само еден процент повисок во 2024 година, а за ова германската политика ќе мора да направат многу домашни задачи, проценува Кутс.
„Прво енергетската криза да се реши поинаку, прво да се зголеми снабдувањето, да ни требаат повеќе извори на енергија од претходно, тука спаѓаат долгорочните договори за терминали за течен гас, не треба да се дозволи затворање на ниту една нуклеарна централа, но напротив, размислете повторно, повторно поврзете ги сите 6 нуклеарни централи на мрежата“, рече тој.
Повеќето Германци го поддржуваат и продолжувањето на рокот за нуклеарните централи. Германското Министерство за финансии, предводено од Кристијан Линднер од либералните Слободни демократи, подготвува стратегија за зголемување на конкурентноста на Германија, која вклучува продолжување на работата на три нуклеарни централи, како и даночни олеснувања за компаниите, предлог за одложување на зголемувањето во цените на CO2 во 2024 година и да се укине забраната за таканаречениот фракинг. Зелените во Владата не ги поддржуваат последните два предлози. Изгледите за првата половина на 2023 година не се добри, но веќе во втората половина предвидуваат помала неизвесност, значително зголемување на платите и намалување на инфлацијата.
Што ја очекува Северна Македонија
Северна Македонија во 2023 година ја очекува постепено забавување на инфлацијата, којашто на среден рок би се вратила на историските стапки од околу два проценти, иако според најавите на ММФ светот, пред се европската економија ја очекува рецесија.
Сепак според Народната банка неопходни се структурни реформи коишто ќе ја зајакнат отпорноста на економијата, како одговорно, стратешки и одржливо делување на носителите на политиките, а гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежовска вели дека секоја паричка има две лица, а секој период има и добри и лоши страни, а 2022 година, за жал, во светската историја ќе биде запомнета како уште една кризна година ‒ година во која започна војна на европска почва, година на енергетска криза, година во која светот забележа една од највисоките стапки на инфлација во изминатите неколку децении.
Токму поради тоа и сите централни банки, вклучително и ние, го променивме долгогодишниот курс на монетарната политика и започнавме со циклусот на нејзино затегнување.
Целта на овие промени е да се стабилизира растот на цените, и да се спречи намалувањето на куповната моќ на граѓаните за Народната банка да обезбеди предвидливост во носењето на одлуките.
Прогнозите на НБМ се дека годинава инфлацијата ќе биде околу 7,2 отсто што е далеку пониско од моменталните речиси 20 отсто. Оттаму сметаат дека засега не постои опасност од влез во краткорочна рецесија, но она што е клучно – стапки на економски раст од 4 отсто и инфлација од само 2 процента, може да се очекува дури за три години.
Според последните објавени податоци од страна на Државниот завод за статистика, инфлацијата за ноември изнесува 19,5 проценти, а пораснале и трошоците на живот за 0,5%. Во декември месец, Народната банка минатата година осумпати ја зголеми и каматната стапка која во моментов изнесува 4,75 отсто, а од која зависи како се движат каматите на кредитите и депозитите на граѓаните.
Предвидувањата се дека растот на каматите и на кредитите ќе продолжи, но поместувањата нема да бидат големи.
Под влијание на надворешни шокови
Овие епизоди, како и сегашната, објаснува гувернерката, во голема мера беа одраз на надворешни шокови коишто влијаеја врз нашата мала, отворена и енергетски зависна економија, но и на структурните слабости на економијата на кои во изминативе декади не им беше обрнато соодветно внимание.
-Будно ја следиме и оваа кризна ситуација и подготвени сме да преземеме натамошни чекори за да ја осигуриме среднорочната ценовна стабилност, којашто е предуслов и за одржлив економски раст и за подобар живот на граѓаните. Во 2024 година очекуваме постепено забавување на инфлацијата, којашто на среден рок би се вратила на историските стапки од околу два процента, вели Ангеловска-Бежоска.
Според неа, минатата година нè научи дека секогаш треба да мислиме и да дејствуваме еден чекор понатаму ‒ светот се соочува и допрва ќе се соочува со крупни промени, меѓу другите климатските и енергетските предизвици, но и дигитализацијата.
-Повеќе од очигледно е дека главниот акцент треба да се стави на одржливоста ‒ одржлива енергија, одржливо земјоделство, одржливи финансии. Затоа се потребни структурни реформи што ќе ја зајакнат отпорноста на економијата, па оттука сите ние кои сме носители на политики треба да мислиме и да делуваме одговорно, стратешки и одржливо, додава гувернерката.
2022 година беше година на големи економски предизвици
Нашиот буџет беше исрпен со ковид мерките, но и покрај тоа беа издвоени антикризни мерки за енергетската криза од околу 250 милиони евра. Субвенционирана е струјата за домаќинствата колку и да звучи тоа дека постојано се повторува и од владата и од медиумите. Од опозицијата има реакции дека тоа не е баш така, меѓутоа просторот во економијата е простор каде може многу лесно да се шират дезинформации или манипулации со бројки.
Македонската економија е исцрпена, бидејќи толку се средствата во Буџетот. Опозицијата реагира дека може да се зголеми помошта, дека може да се зголемат средствата, наместо 1.500 денари помошта да биде 3.000 денари, но никогаш не посочува од каде. Велат има средства во буџетот, меѓутоа буџетот не е бесконечен.
Конечно добивме преговори со ЕУ и сето тоа значи дека пополека во земјава ќе се случува стабилизација, особено во економијата тоа е многу специфично бидејќи не оди така брзо. Потребно е закрепнување на сите сегменти во стопанството. Фирмите треба да се научат дека во Македонија плаќаат најнизок данок. Тука и мало дуќанче и голема фирма да плаќаат рамен данок. Таа тема се отвори во 2022, меѓутоа поради реакциите од Стопанската комора се одложи за 2023 година за воведување на прогресивниот данок. Таа тема се провлекува неколку години наназад и тоа е нешто што е значајно, бидејќи тоа е едно од начините на кој се полни буџетот во најголемиот дел од државите во светот.
Во 2023 година не може да очекува 100% сигурност. Глобалната слика за економијата е дека се очекува стабилизација, но по завршувањето на војната на Русија врз Украина.
Покрај две големи кризи и добро е да има стабилизиција негде во септември, но стабилизацијата може да биде и подоцна. Тоа би значело дека ќе се намалат цените, инфлацијата ќе се намали до 7 проценти, тоа се и проекциите на Народна банка и проекциите на Буџетот.
Буџетот е изгласан и голем дел од преоектите се во согласност со препораките од ЕУ, односно ќе се користи за ранливите категории. Приоритет им се дава на малите претпријатија коишто исто така треба да закрепнат од оваа криза за да не отпуштаат вработени.
И 2023 година ќе биде тешка со големи предизвици, а во вакви кризни времиња секогаш е добро да се штеди“, односно ние како народ треба да научиме да штедиме.
Извор: Цивил Медиа