Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 26-ти декември 2022 година, врз основа на примена жалба од Управен одбор на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ), ја донесе следната: ОДЛУКА – ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА.
Во согласност со Деловникот на СЕММ, оваа Одлука ја објавуваме во целост.
ЖАЛБА
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на 15-ти декември 2022 година, Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), поднесе жалба за текстот со наслов „Мис на девственоста во куплерај“, објавен на 4- ти декември 2022 година на интернет – порталот „Фронтлајн“ (www.frontline.mk).
Во жалбата се наведува дека текстот содржи елементи на говор на омраза и дискриминација, односно дека е прекршен членот 10 од Кодексот на новинарите.
Од Здружението на новинарите на Македонија велат дека станува збор за крајно тенденциозен текст, кој на непрофесионален и навредлив начин го омаловажува здружението.
„Алармираме на грубо кршење на Етичкиот кодекс на новинарите од страна на авторот на текстот Бранко Тричковски, и тоа на членовите 1, 15 и 16, а цениме дека одговорност за оваа објава има и уредничкиот тим на frontline.mк“, се вели во поднесената жалба од Управниот одбор на ЗНМ.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледувањето на жалбата, стапи во контакт со порталот „Фронтлајн“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата.
Главниот и одговорен уредник на медиумот, Џабир Дерала одговори на наводите на жалителот. Тој вели дека се работи за авторски текст, односно личен став, објавен во рубриката „Фронт“, наменета за лични ставови и коментари и под која било назначено дека содржините се лични ставови на авторите. Дерала смета дека, како одговорен уредник на „Фронтлајн“ може и да не се согласува со одредени ставови во текстовите, но и дека не треба да се ограничуваат авторите и кога нивниот израз се приближува до работ на коректноста.
Дерала посочува дека авторот на текстот, Бранко Тричковски, како новинар со огромно авторско искуство, има крајно провокативен и директен израз, лишен од формалности и еуфемизми, кој на моменти е и некоректен. Тој смета дека актуелниот текст е критика насочена кон тенденциите да се „зароби“ слободната мисла и независното новинарство, како во јавниот дискурс, така и во организациите за саморегулација во медиумите. Дерала вели дека не е изненаден ако текстот бил доживеан како навреда и повредил нечии чувства, со оглед на препознатливиот стил „без нежности“ на авторот.
Тој воедно потенцира дека не ја исклучува својата одговорност за објавата, но оти не би сакал да го повлече текстот, бидејќи се работи за личен став. Во тој контекст, уредникот на „Фронтлајн“ додава дека слободата на изразување е комплексно прашање и предмет на долги полемики во медиумскиот и уметничкиот свет.
„На безброј начини се отворени и никогаш не се затворени прашањата за одговорноста на напишаниот/изречениот збор; за тоа што е навреда, а што стил и слобода на изразување; за табуата и предрасудите во творештвото и во јавната комуникација, а особено за тоа до каде (може/треба да) се оди за тие (табуа и предрасуди) да се разбијат (на најситни парченца); што е етика, а што лажен морал;“, вели меѓу другото, Дерала во одговорот на жалбата.
ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека во оспорениот текст нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија, ниту повреда на членовите 1, 10, 15 и 16 од Кодексот на кои упатува жалителот.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА
На седницата на 26-ти декември 2022 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во оспорениот текст.
Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за колумна, новинарски жанр кој сам по себе дозволува послободен израз, преку кој авторот може да ги искаже своите ставови и вредносни судови, неретко и до степен на претерување и со користење остар и нестандарден јазик.
Токму таков е и случајот со оспорениот текст на „Фронтлајн“, во кој авторот преку исклучително критички израз се осврнува на состојбите во македонското новинарство. Текстот е уредно издвоен во рубрика посветена за коментари насловена „Фронт“, со експлицитна назнака дека содржината е личен став на авторот, а не на медиумот.
Комисијата во предметниот текст не најде прекршување на начелата од Кодексот на новинарите на Македонија.
Се работи за автор со препознатлив стил, проследен со двосмислени и метафорични пораки и провокативни фрази со фигуративно значење. Во предметниот текст, тој користи жесток, непримерен, на моменти и вулгарен и навредлив јазик, кој според Комисијата сепак е дозволен во колумнистичката комуникација со јавноста. Авторот изнесува лични ставови и мислења за состојбата во новинарската професија, за Здружението на новинарите на Македонија и за влијанието на политиката во новинарството и општеството, воопшто. Став на Комисијата е дека слободата на изразување е неприкосновена во жанрот коментар и дека и прекумерно остриот јазик е всушност критички говор и е новинарски легитимен.
Комисијата не препозна елементи на дискриминација и говор на омраза, ниту пак намера на авторот да го употреби медиумот за пресметка со личности, во случајов, со новинари, на што реагира жалителот. Во однос на последната забелешка на жалителот, Комисијата се согласи дека не се работи за критика кон конкретен новинар, во случајов, кон новинарот Младен Чадиковски. Оценка на Комисијата е дека Чадиковски е споменат како персонификација на Здружението на новинари на Македонија, чиј претседател е.
Комисијата смета дека авторот, иако употребил непримерен и груб говор, тоа го направил со намера да отвори јавна дебата за начинот на кој треба да се одвива професионализацијата и консолидацијата на новинарството во земјава, што е дел од неговото право на слобода на изразување. Во прилог на овој став, Комисијата потсетува на објаснувањето на Европскиот суд за човекови права изнесено во пресудата за случајот Хендисајд против Обединетото Кралство (став 49), за тоа дека “… слободата на изразување …се применува не само на ‘информациите’ или ‘идеите’ кои наидуваат на поволен прием или кои се сметаат за ненавредливи или кои луѓето ги оставаат рамнодушни, туку и на оние ‘информации’ или ‘идеи’ кои навредуваат, шокираат или вознемируваат… токму такви се барањата во поглед на плурализмот, толеранцијата и ширината на гледиштата без кои нема ‘демократско општество’“.*
Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено.
Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Теофил Блажевски, Снежана Трпевска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.
Се обврзува порталот „Фронтлајн“ (www.frontline.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.
Со почит,
Совет за етика во медиумите на Македонија
Претседател на Комисијата за жалби
Мирче Адамчевски
* Handyside v. The United Kingdom (Application no. 5493/72), Strasbourg, 7 December 1976, Достапно на: https://hudoc.echr.coe.int/eng#{%22itemid%22:[%22001-57499%22]}