Високи претставници на Владата, граѓанското општество и експертската заедница денеска ќе говорат на Конференцијата на Цивил за предизвиците и перспективите на мултикултурното општество „Различностите, благодат или проклетство“, со почеток во 12 часот.
ШТО, КАДЕ И КОГА? Конференцијата се одвива во денови кога темата е исклучително важна и ги допира најсензитивните области од општествено политичкото живеење во земјата. Воедно, Конференцијата на Цивил се совпаѓа и со финализирањето на Стратегијата 2023-2025 за мултикултурализам и интеркултурализам според која институциите ќе добијат насоки за креирање и спроведување политики и практики по овие комплексни прашања.
ГЛАВНО ПРАШАЊЕ Главното прашање на Конференцијата е: Кои се главните предизвици и перспективи на мултикултурализмот во нашето општество?
ЦЕЛ Целта на оваа конференција е да даде придонес кон општествениот дијалог и креирањето политики и практики за поддршка и унапредување на мултикултурализмот во македонското општество.
ФОРМАТ Конференцијата ќе се одвива во формат на 10-минутни разговори на кои ќе се постави главното прашање, со опција за потпрашања од водителот. По разговорот, ќе се отвори можноста за 1-2 прашања или коментари од публиката (до 1 минута).
ПРЕНОС ВО ЖИВО И ДОСТАПНОСТ Организаторите ги информираат медиумите и јавноста дека настанот ќе биде пренесуван во живо, на онлајн каналите на Цивил, Фејсбук и Јутуб, а од неа ќе произлезат повеќе видео и текстуални прилози кои ќе бидат објавени на медиумската платформа на Цивил. Сите содржини ќе бидат достапни за преземање според лиценцата Creative Commons 4.0. Дозволено е присуство на новинарки и новинари, но без камери, бидејќи видео и фото материјалот ќе го обезбеди Редакцијата ЦивилМедиа и ќе биде целосно достапен и слободен за преземање со атрибуција (линк и извор).
ПОДДРШКА Настанот е дел од проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“ што го спроведува Цивил со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
КОНТАКТИ, ИНФО Цивил посочува дека е отворен за прашања и коментари на [email protected] или 075 / 389 699.