„Демократијата и различноста одат заедно, а авторитарните и тоталитарните умови преферираат монокултурност“ изјави националниот координатор за мултикултурализам, Роберт Алаѓозовски на конференцијата на Цивил „Различности, благодат или проклетство“.
Тој додаде дека најголемите опасности и кај нас и во регионот доаѓаат кога исклучиви умови и политичари се обидуваат да спроведат политики, не на почитување на различноста, туку со употреба на сила.
„Доколку имате земји кои не знаат како да менаџираат со својата различност, за нив тоа може да е проклетство и да доведе до дезинтеграција“ рече Алаѓозовски.
На конференцијата тој кажа дека различноста е предизвик, но тоа не значи дека е клетва од која треба да се плашиме.
„Различностите секако се предизвик, но тоа не значи дека се клетва и од тоа да се плашиме. Еве на пример на светското првенство во ракомет, знаеме дека Франција е мултикултурна земја и таа мултикултурност е изразена во нивната ракометна репрезентација, а токму најразличните актери ги дадоа најдобрите голови“ рече Алаѓозовски .
Тој рече дека доколку си различен, системот во Франција ти овозможува да успееш, иако се уште и таму постојат предизвици и општествени кризи.
„Видовме на другото светско првенство, луѓето со друга различност направија социјални немири и нереди“ рече Алаѓозовски.
За спродба ја зеде полската репрезентација за која рече дека е прашање дали полското општество е хомогено или нивната репрезентација не ја отсликува различноста.
„Во таа смисла, доколку се погледне и македонската фудбалска репрезентација, може да се забележи дека таму се изразува различноста на македонското општество, бидејќи има припадници од повеќе заедници“ рече Алаѓозовски.